Емиграцијата, војната и падот на наталитетот довеле до историско опаѓање на населението на Русија

фото: Sasha Matveeva на Unsplash

Претседателот Владимир Путин со години се бореше против демографскиот часовник на Русија, само за да нареди инвазија на Украина што го води населението на неговата земја кон историски пад. Илјадниците жртви на бојното поле, приклучувањето на 300.000 резервисти во војната и бегството на мажите во странство ги попречуваат плановите на рускиот претседател да започне со стабилизација на населението, пишува „Форчн“.

„Осакатувачките“ нарушувања од војната се приближуваат до кризата на населението која датира од 1990-тите години, период на економски тешкотии по распадот на Советскиот Сојуз, што доведе до пад на стапката на плодност. Независниот демограф Алексеј Ракша ова го нарекува „совршена бура“.

Плановите на рускиот претседател предвидуваа да се почне со запирање на падот на населението во 2022 година, а растот да продолжи во 2030 година. Сепак, неколку недели пред да биде објавена мобилизацијата во септември, внатрешен извештај покажал дека официјалните лица заклучиле оти таквите цели се нереални. Наместо тоа, цитирајќи ги последиците од коронавирусот и емиграцијата, извештајот предвидува пад на населението за 416.700 лица.

Доколку воените операции продолжат во следните месеци, Русија може да забележи помалку од 1,2 милиони раѓања следната година, што е најмалку во модерната историја, смета Игор Ефремов, истражувач и специјалист по демографија во московскиот институт Гајдар.

„Главниот удар за наталитетот ќе биде индиректен, бидејќи на повеќето семејства ќе им биде целосно уништен хоризонтот на планирање. Колку подолго трае мобилизацијата, влијанието ќе биде посилно“, вели Ефремов.

Повикувајќи се на проценките на економисти, „Форчн“ пишува дека неповолната демографија во областите на Украина што Путин ги анектираше веројатно само ќе ги надополнат предизвиците со кои се соочува Русија поради растечкиот товар на населението. Додека демографските трауми обично се случуваат со децении, последиците од инвазијата ги прават најлошите сценарија веројатни многу порано од очекуваното.

За Путин, руската демографија одамна е егзистенцијално прашање, а минатата година изјави дека „спасувањето на народот на Русија е главен национален приоритет“.

Руското население е во опаѓање од 2018 година. Нападот на Русија врз Украина доведе до најсмртоносната година од Втората светска војна – на 1 август населението достигна 145,1 милиони, што е пад од 475.500 од почетокот на годината и помалку од 148,3 милиони од 1991 година кога се распадна Советскиот Сојуз.

Според Ефремов, продолжувањето на воената кампања и мобилизацијата би биле катастрофални и ќе ги намалат раѓањата на само еден милион до средината на 2024 година. Стапката на плодност може да достигне 1,2 деца по жена, ниво што Русија го забележа само еднаш и тоа во 1999-2000 година. За да се одржи популацијата стабилна, потребно е стапката на плодност да изнесува 2,1.