ДС: Парламентарното мнозинство мора да покаже цврстина и одлучност во Собранието

Партиите од парламентарното мнозинство можат да се обидат во следните два дена да понудат и да постигнат компромис со раководството на ВМРО-ДПМНЕ, за в понеделник да се избере претседател на парламентот и со тоа се создадат услови за избор на реформска влада и за мирен, демократски и државнички трансфер на власта, велат од Демократскиот сојуз.

Од понеделник натаму, нагласуваат од ДС, парламентарното мнозинство на СДСМ, ДУИ, Беса и на Алијанса за Албанците, мора да покаже цврстина и одлучност и при изборот на претседател и при формирањето на владата.

„Континуираната попустливост ќе биде злоупотребена од ВМРО -ДПМНЕ и преку медиумската манипулативна кампања ќе се настојува да се продлабочи кризата и да се спречи трансфер на власта. Геостратешките и регионалните процеси наметнуваат потреба од итно формирање на нова влада и од стабилизирање на состојбите, како прв чекор за нормализирање на животот и за воспоставување вредносен систем кој почива на владеење на правото во Република Македонија“, стои во соопштението од партијата на поранешниот пратеник Павле Трајанов.