ДиЏовани: Потребно е целото општество да ги поддржи реформите во образованието

Во С.Македонија, учениците кои се во многу добра социо-економска состојба имаат далеку подобри постигања од учениците кои се социо- економски најобесправени. Ако не се надминат овие нееднаквости, системот ќе ги продлабочи и со тоа ќе придонесе кон уште поголема сиромаштија и недостаток на можности, вели ДиЏовани во изјавата на Меѓународниот ден на образованието

Фото: Image by Juraj Varga from Pixabay

Резултатите од последното тестирање во рамки на Програмата за меѓународно оценување на учениците – ПИСА 2022, кои укажуваат на проблеми во резултатите од учењето кај учениците, алармираат дека структурните реформи во образованието треба да станат национален натпартиски приоритет. Ова го истакна претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ДиЏовани во својата изјава на Меѓународниот ден на образованието, 24 јануари.

Според неа, подеталната анализа на резултатите покажува зошто е потребно целото општество да ги поддржи реформите во образованието, како и на високата цена што ќе се плати доколку ништо не се преземе.

Севкупните постигнувања на учениците се многу ниски и се намалени меѓу 2018 и 2022 година, забележува ДиЏовани. Само еден од тројца ученици на возраст од 15 години постигнал минимално ниво на знаење по математика (ниво 2 од 6), што значи дека двајца од тројца ученици не успеале да протолкуваат и препознаат, без директни инструкции, како едноставна ситуација може математички да се претстави. Резултатите по читање се уште позагрижувачки, при што само еден од четворица ученици постигнува минимално знаење.

Од друга страна, само еден процент од учениците имале највисоки достигнувања по математика, додека речиси никој немал највисоки достигнувања по читање и наука.

„Доколку таквата состојба не се надмине, земјата и понатаму ќе заостанува во развојот на човечкиот капитал и конкурентноста“, вели ДиЏовани.

Според претставничката на УНИЦЕФ, образованието има потенцијал да ги извлече луѓето од сиромаштија, но резултатите од ПИСА посочуваат на нееднаквости во системот.

„Во Северна Македонија, учениците кои се во многу добра социо-економска состојба имаат далеку подобри постигања од учениците кои се социо-економски најобесправени и тоа за дури 76 поени по математика. Ако не се надминат овие нееднаквости, системот ќе ги продлабочи и со тоа ќе придонесе кон уште поголема сиромаштија и недостаток на можности“, вели ДиЏовани во својата изјава.

Таа забележува и дека земјава, како и другите држави од Западен Балкан, се соочува со емиграција на млади, образовани и квалификувани луѓе и резултатите покажуваат оти овој тренд најверојатно ќе продолжи, бидејќи задоволството на учениците од животот е значително намален.

Оптимистички, пак, според неа, е тоа што Северна Македонија е над просекот за прашања поврзани со чувството на припадност на учениците во училиште.

„Во 2022 година, 85% од учениците во Северна Македонија се изјасниле дека лесно се спријателуваат на училиште, а 86% имаат чувство на припадност во училиштето (во споредба со просекот во ОЕЦД од 76% и 75%, соодветно). Таквото споделено чувство на припадност треба да се искористи и да им се обезбеди квалитетна настава на учениците и стимулирачка училишна средина, за да можат да ги развиваат своите интереси, да се стекнат со повеќе знаења и компетенции, а со тоа да си обезбедат подобар живот“, кажа ДиЏовани.

Таа порачува училиштата да им овозможат на учениците да стекнат широк спектар на дополнителни вештини, како што се справување со емоциите, преговарање, решавање проблеми, емпатија и комуникација.

ДиЏовани ги повика политичките лидери и носителите на одлуки да се согласат дека навистина е потребно зголемување на јавното финансирање и инвестициите во образованието на сите нивоа.