Денеска завршува учебната година за средношколците, основците ќе учат до среда

Причината за одложениот крај на оваа учебна година за основците е тоа што зимскиот распуст беше продолжен и второто полугодие започна подоцна од предвиденото

Photo by Unseen Studio on Unsplash

Денеска завршува учебната 2022/2023 година за сите ученици во средно образование, додека последниот училишен ден основците ќе го имаат во среда, на 14 јуни, откако ваква одлука во јануари донесе Министерството за образование и наука (МОН).

Причината за одложениот крај на оваа учебна година за основците е тоа што зимскиот распуст беше продолжен и второто полугодие наместо на 18, започна на 23 јануари.

Матурантите утре ќе го полагаат вториот екстерен испит од државната матура, кој е изборен. Учениците во завршните години од средното образование можеа да изберат да полагаат математика, естетика и филозофија, или пак еден од јазиците англиски, француски, германски и руски.

На 27 мај матурантите го полагаа првиот екстерен испит – задолжителниот мајчин јазик – македонски, албански или турски, и литература.

Оваа учебна година за државната матура се пријавиле 15.620 ученици, од кои 6.750 се од гимназиско образование, 8.598 од средно стручно образование, додека 272 се од уметничко образование.

Во процесот на реализација на матурата се ангажирани 2.107 наставници како тестатори и околу 200 набљудувачи од повеќе образовни институции, информираше претходно за Мета.мк директорката на Државниот испитен центар (ДИЦ), Благица Павловска.

Во април, вработените во ДИЦ започнаа штрајк за повисоки плати, со што беше доведено во прашање полагањето на испитот на зрелоста. Тие штрајкуваа повеќе од три недели. Имаа неуспешни преговори во Владата и со вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи и не постигнаа договор за да им бидат покачени платите. Беа револтирани бидејќи беа направени ребаланси за покачувањата на функционерите од безмалку 80 проценти, а за вкупно 30 вработени во ДИЦ не се најде решение, иако тие работат напорно и имаат големи одговорности со оглед на фактот дека матурата, но и другите државни и меѓународни тестирања кои ги организираат, се прилично обемни.

Инаку, министерот за образование и наука Јетон Шаќири, пред почетокот на оваа учебна година, за Мета.мк кажа дека од следната 2023/2024 година, во план е секоја учебна година, наместо на 1 септември, да започнува на 10 септември. Тој најави дека во ваков случај, учебната година ќе трае до 20 јуни, со оглед на законската обврска да бидат одработени 180 наставни денови.