Оваа учебна година ќе започне на 1 септември, а секоја следна ќе започнува на 10 септември

Фото: Министерство за образование и наука

Основците и средношколците во земјава годинава се враќаат на училиште од 1-ви септември, иако имаше идеја учебната година да стартува 10 дена подоцна, односно на 12-ти септември, потврди за Мета.мк министерот за образование и наука Јетон Шаќири. Тој најавува дека оваа нова пракса е предвидено да се воведе од следниот септември, а учебната година во тој случај ќе трае до 20 јуни.

„За оваа идеја дискутиравме заради тоа што, во некои од нашите земји во регионот како на пример Албанија, Хрватска, учебната година не започнува на 1 септември како кај нас, туку подоцна. Јас би сакал да се помести стартот, размислувам за тоа, иако треба да видиме како ќе се усогласиме со СОНК, синдикатите, како и останатите институции кои се врзани со датуми, на пример, Државниот испитен центар кој е врзан со рокови заради мноштво полагања, меѓу кои и полагањето државна матура. Инаку сметам дека идејата за пролонгирање на учебната година е добра“, вели Шаќири за Мета.мк.

Од 1 септември, треба да започне учењето по новата Концепција во второ и во петто одделение. За овие две одделенија, вели министерот, сѐ уште не се испечатени учебници.

„Во однос на тоа, дали ќе успеме на време да ги обезбедиме учебниците, можам да кажам дека на време ќе има и учебници и материјали за учење за трето, шесто, седмо и за деветто одделение. Новите учебници кои треба да се испечатат за прв пат, за  прво, второ, четврто и за петто одделение, сите постапки се започнати во најбрз временски рок. Бидејќи ќе се доцни, го задолживме Бирото за развој на образованието да направи подготвителни материјали за учење, наменети за првите три месеци од наставата, додека не стасаат учебниците. Тие материјали се исто како учебници, но содржат теми само за првите три месеци“, информира Шаќири.

Мета.мк неодамна пишуваше дека новите наставни програми за второ и за петто одделение се објавени на веб-сајтот на Бирото за развој на образованието. За да се реализираат, потребни се мноштво средства и опрема. Така на пример, за да се реализира успешно предметот Општество за второ одделение, наведено е дека во училницата треба да има компјутер, проектор, дигитални уреди (фотоапарат, телефон, телевизор, ЦД уред), но и сложувалки, логички плочки, игра „Не лути се човече“, градинарски алат, прибор за лична хигиена и хигиена во домот.

Минатата година, согласно новите правила кои ги налага Концепцијата, започнаа да учат најпрво првоодделенците и четвртоодделенците. Бирото организираше советодавни стручни посети во училиштата за да видат како тече реализацијата, по што беше утврдено дека сѐ уште има недоволно опремени училници со потребната опрема, средства и материјали за соодветна реализација на новите наставни програми, а од друга страна, било нотирано дека задачите кои ги даваат наставниците, најчесто за учениците се предизвик, со што го поттикнуваат критичкото размислување и анализа на дадени ситуации.

Напишете коментар