Почнува фестивалот на независен филм „Санденс 2016“

Денеска во Парк Сити почнува годинешното издание на најголемиот американски фестивал на независен филм „Санденс 2016“.

Ова издание на фестивалот ќе го отвори документарниот филм „Норман Леар: Уште една твоја верзија“ (Norman Lear: Just Another Version Of You) на истакнатите документаристи Хајди Јуинг и Рејчел Грејди, за еден од најуспешните продуценти во историјата на телевизијата.

На програмата на фестивалот „Санденс 2016“, кој ќе се одржи од 21 до 31 јануари, ќе бидат прикажани 123 долгометражни филмови од 37 земји во светот, од кои 49 се филмиски првенчиња. Од нив дури 30 се влезени во официјалната конкуренција на фестивалот.

Филмскиот фестивал „Санденс“ е основан во 1985 година, на иницијатива на американскиот актер и режисер Роберт Редфорд и традиционално се одржува во јануари во градовите Парк Сити, Солт Лејк Сити, Огден и Санденс во сојузната американска држава Јута.

Фестивалот секоја година носи некои од најдобрите филмски остварувања во играна, документарна и во краткометражна конкуренција, ги претставува избраните филмови од целиот свет и открива нови имиња на филмската сцена.