Демократи излегуваат со поддршка за Камала Харис, откако Бајден се откажа од претседателската трка

Вчера беа регистрирани донации од околу 46 милиони долари за кампањата на Харис, а таа беше и официјално поддржана од сите 50 лидери на државните седишта на Демократската партија

Фото: Chairman of the Joint Chiefs of Staff from Washington D.C, United States, CC BY 2.0, via Wikimedia Commons

Проминентни членови на Демократската партија во САД излегоа со јавна поддршка за претседателската кампања на потпретседателката Камала Харис откако претседателот Џо Бајден соопшти дека тој нема да се кандидира за претседател на претстоечките избори во ноември и дека ја поддржува Харис, пренесуваат Би-би-си и Си-ен-би-си.

Меѓу тие кои ја поддржа кампањата, официјално преименувана во „Харис за претседател“, се гувернерот на Калифорнија Гевин Њусом и гувернерот на Пенсилванија Џош Шапиро. Во изминатите недели, се шпекулираше дека токму Њусом може да го замени Бајден на претседателските избори, но се чини оти тоа нема засега да се случи.

Бил и Хилари Клинтон ја поддржаа Харис, како и нејзините противкандидати во трката за демократскиот кандидат за претседател во 2020 година како Елизабет Ворен, Пит Бутиџиџ и Ејми Клобучар.

Харис ја доби едногласната поддршка на сите 50 лидери на државните седишта на Демократската партија.

Освен јавните соопштенија за поддршка, забележан е огромен бран на донации кон кампањата на Харис. Според „ActBlue“, вебсајтот на кој се донираат пари за демократските кандидати, биле донирани над 46 милиони американски долари во првите пет часови по соопштението на Бајден.

Веќе започнаа шпекулации за тоа кој ќе биде кандидатот за потпретседател, доколку Харис биде официјално избрана за кандидат за партијата. Неколку демократски гувернери се фаворити, како Рој Купер од Северна Каролина, Енди Бешеар од Кентаки и претходно споменатиот Џош Шапиро од Пенсилванија.

Си-ен-би-си известува дека повлекувањето од претседателската трка на Бајден предизвикало турбуленции и во Републиканската партија, која цела кампања на Доналд Трамп ја подготвувала со Бајден на ум.

„Бевме принудени да трошиме пари и време да се бориме со кривиот Џо Бајден, тој лошо се покажа на анкети по катастрофалната дебата и се се откажа од трката. Сега треба да почнеме одново“, напиша Трамп во неодамнешна објава на „Truth Social“, социјалната мрежа во негово сопствеништво.

Трамп објави и низа други постови во неговиот препознатлив несериозен тон – дури и ја доведе во прашање неодамнешната дијагноза на ковид на американскиот претседател.

„Кој ја води нашата земја во моментов? Тоа не е „нечесниот Џо“, тој нема поим каде е. Ако не може да се кандидира за функцијата претседател, тој не може да ја води нашата земја!!!“, напиша Трамп.