Црвениот крст злоупотребен во реклама за лекување на грбот и зглобовите

Во рекламата се бара да се пополни анкета за да се добие лек со голем попуст, што е типична измама со цел да ги наведе граѓаните да ги остават личните податоци

Фото: Принтскрин од објава на Фејсбук

Објавата го злоупотребува името на Црвениот крст и води до лажна страница која нуди попуст за наводен лек за болки во грбот и зглобовите. Во рекламата се бара да се пополни анкета за да се добие лек со голем попуст, што е типична измама со цел да ги наведе граѓаните да ги остават личните податоци, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме интегрално: 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која рекламира лек за болки во грбот и зглобовите наречен Bone Control, со попуст од 50 проценти и притоа го злоупотребува името на Црвениот крст, нудејќи наводна „помош преку специјална програма“.

Фондацијата на Црвениот крст бара 500 лица за лекување на зглобови под квота. Внсете ја вашата возраст и започнете со третманот, се вели во објавата на Фејсбук.

А, откако ќе се кликне на самата реклама се отвора страница на којашто пишува:

Добијте помош во лекувањето на грбот и зглобовите преку социјалната програма ‘ПОМОШ’.

Можете да го добиете лекот Bone Control за 1200 MKD, преку програмата «ПОМОШ» за населението на Македонија. 

Но, ова е измислица. Ваква објава – повик нема на официјалната веб-страница на Црвениот крст на Р.С. Македонија. Таква вест нема пренесено ниту еден медиум, а не може да се најде ниту информација за тоа дека пристигнала некаква медицинска помош за лекување на грбот и зглобовите.

Исто така, Црвениот крст на С. Македонија не е „Фондација“, како што пишува во објавата, туку хуманитарна организација.

Црвен крст на Република Северна Македонија е хуманитарна организација која работи на спречување и ублажување на човековото страдање, заштита на животот и здравјето, унапредување на социјалната состојба, обезбедувајќи почит и достоинство за човековото битие, а особено во случај на несреќи и катастрофи,  го промовира меѓународното хуманитарно право и хуманите вредности, поттикнува доброволно ангажирање и постојана подготвеност за давање помош, како и универзално чувство за солидарност и хуманост, пишува на веб-страницата на Црвениот крст

 

Со блиц анкета до „дијагноза“

На самата објава има линк кој води до анкета со следните прашања во кои се забележуваат јазични грешки:

  1. Дали досега сте добиле бесплатна помош од меѓународна здравствена организација?
  2. Чувствувате ли болка во грбот или зглобовите при движење?
  3. Во која делот на телото најчешто се осеќа болка?
  4. Колку често чувствувате болка?
  5. Кои други симптоми ги имате?
  6. Дали претходно сте користеле лекови за лекување на зглобовите?

По пополнувањето на анкетата, корисниците добиваат одговор дека:

Според резултатите од тестот што го направивте, откриени се сериозни проблеми. Треба да се обрати внимание на ризикот од заболувања:

 артроза, болести на внатрешните органи, артритис, подагра.

Меѓутоа, зачудува експресното добивање „резултати и дијагнози“ за сериозни здравствени проблеми, како „артроза, артритис, подагра…“, до кои не би можело да се дојде за само неколку минути преку кратка анкета од неколку прашања и без присуство на доктор. Интересно е и тоа што независно од дадените одговори  во анкетата, процентите за секое од заболувњата кои се „дијагностицираат“ со неа секогаш се исти:  артроза 66%, болести на внатрешните органи 44%, артритис 64%, подагра 51% .

На крајот од анкетата, корисниците се наведуваат да внесат лични податоци, како името и телефонски број, за да го купат гелот „Bone Control“ кој наводно чинел 2.400 денари, ама со попуст од 50 отсто, ќе го добијат за 1.200 денари. Значи „лекот за грбот и зглобовите“, всушност е гел, и не се наведуваат конкретни податоци за неговиот состав, ниту релевантни докази за ефикасноста. Нема ниту официјални истражувања од здравствената и научната заедница, мислења од еминентни доктори кои би ја потврдиле ефикасноста на овој чудотворен лек.

На страницата има и лажни сведоштва – коментари кои тврдат дека производот е ефикасен и дека многу луѓе веќе го користат. Паѓа в очи и тоа што во сведоштвата се наведува дека лицата се на возраст од 65, 48, и 60 години, а на сликите се прикажани личности во своите 20 -ти или 30 -ти години. Ова е уште еден сигнал дека е во прашање измама. Фактички, самата објава е измамничка,  освен што ги изложува корисниците на финансиски трошоци (чајот чини 1.200 денари), има за цел да ги злоупотреби и нивните личните податоци.

Форматот на оваа измама е многу сличен на лажните реклами во кои се нудат волшебни лекови, за кои  пишувавме во нашите претходни текстови.

Поради изнесените факти погоре оваа објава ја оценуваме како невистинита.