Цитати од познати македонски автори блеснаа во ноќта низ градовите [галерија]

Проектот кој е во духот на слоганот на програмата за одбележување, „Пишувај на кирилица!“, ги потенцира пораките од националната меморија

Фото: Министерство за култура

Видеопроекции на цитати кои будат длабоки чувства за македонскиот идентитет, литература и култура и за македонската самобитност, синоќа силно блеснаа низ градовите во земјава. Како завршен дел од целодневната програма за одбележување на Денот на македонскиот јазик, Министерството за култура ги осветли со зборови препознатливите локации: Скопското Кале и Собранието на РС Македонија во Скопје, Самоилова тврдина во Охрид, Спомен домот „Блаже Конески“ во Небрегово, Офицерскиот дом во Битола, СОУ „Јане Сандански“ во Струмица, Црквата Св. Никола во Крушево и Спомен-костурницата во Велес.

Видеопроекциите траеја до полноќ, а на нив може да се прочитаат препознатливи цитати од: Блаже Конески, Крсте Петков Мисирков, Григор Прличев, Константин Миладинов, Марко Цепенков, Кочо Рацин, Петре М. Андреевски, Гане Тодоровски, Ацо Караманов, Ацо Шопов,Видое Подгорец, Лазо Каровски, Влатко Стефановски, Тоше Проески и Весна Малинова.

„Присуствуваме на свечена вечер над македонското небо, достојна за денот кој денеска богато го одбележуваме. Мисли и стихови на повеќе генерации дејци и писатели се вклопени во една приказна преку која се создава слика за македонската историја. Проектот се одвива на атрактивни локации, а со него дадовме нов современ приод во остварување на аманетот кој го имаме – да го чуваме, негуваме и афирмираме македонскиот стандареден јазик, зашто е тој нашиот дом, нашиот идентитет“, изјави министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Проектот кој е во духот на слоганот на програмата за одбележување, „Пишувај на кирилица!“, ги потенцира пораките од националната меморија, како: „Послушајте Македонци! Јазикот е единствената наша татковина“, „Милоста кон родниот јазик е наш долг и наше право“, „Мајка имаме една, а таткојната је хилјади мајки“, „Тамо зората греит душата и с’нце светло зајдвит в гората“,„Кажете ѝ на мајка ми нека не жали оти сепак ние ќе победиме!“, „Кога ја љубев Дениција, како да учествував во создавањето на првата македонска држава“, „Со една надеж, за трошка љубов, за малку среќа, живееме“, како и „За овој свет, кој ни е единствен, и со детска насмевка треба да се бориме. За овој свет!“.