Четири години по донесувањето – нецелосна имплементацијата на Законот за младинско учество и младински политики

На национално ниво, Националното собрание за млади и Националното советодавно тело за младински политики сѐ уште не се формирани

Фото: Alexis Brown on Unsplash

Иако поминаа повеќе од четири години од донесувањето на Законот за младинско учество и младински политики, неговата имплементација останува далеку, покажува Мониторинг извештајот за имплементацијата на законот изработен од НМСМ.

Најголемата слабост мониторингот забележува на општинско ниво, каде голем број од
механизмите наведени во законот, сè уште не се имплементирани. Од сите законски предвидени механизми, извештајот покажува дека 42 отсто од општините успешно формирале Локални младински совети, кои се клучен механизам за младинско учество на локално ниво.

Еден од најголемите предизвици претставува формирањето на канцеларија за млади. Само една општина правилно има формирано канцеларија за млади, како место каде младите лица од општината ќе можат да се обратат и да се информираат во врска со прашања поврзани со младите, кои се во надлежност на општината.

Досега постојат само 10 функционални младински центри а 80 отсто од општините ја исполниле обврската за именување на службеник за млади.

На национално ниво пак, Националното собрание за млади и Националното советодавно тело за младински политики сѐ уште не се формирани.

Кога станува збор за финансирањето на предвидените механизми на локално ниво, врз основа на добиените податоци, заклучокот е дека во 2023 година само 18 општини (22 отсто) изјавиле дека во 2023 година имаат доделено средства за сервисите за млади кои се предвидени во законот.

Во однос на податоците за тоа дали и колку општината има планирано финансиска поддршка за млади, во буџетот за 2024 година, може да се заклучи дека голем број од општините истакнуваат дека имаат планирано средства, но само 32 од нив имаат наведено износ за тие планирани средства.

Мониторинг извештајот за имплементацијата на Законот за младинско учество и младински политики го изработи Националниот младински совет на Македонија, во партнерство со Фондацијата за развој на локалната заедница – Штип, СФЕРА Интернешнал и Youth Empowerment Platform – YEP, во рамки на проектот „Заедници инклузивни за млади“, со финансиска поддршка од Европската Унија.