Бројот на вработени во јавниот сектор лани изнесувал 131.183 и е намален за 1.717 во однос на 2019

Бројот на вработени во 1.332 институции во јавниот сектор заклучно со 31 декември 2020 изнесува 131.183 лица, истакна на денешната прес-конференција министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири. Во споредба со 2019 година, бројот на вработени во јавниот сектор бил намален за 1.717 лица.

Од овој вкупен број на вработени, 19.594 се во Армијата, Министерство за внатрешни работи, Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање и Управата за финансиска полиција, а останатите 111.589 во останатиот цел јавен сектор односно органи на државна и општинска власт.

Шаќири истакна од 131.383 во Владата, министерствата, органите на државна власт се вработени 15.945 лица. Во 2019 бројот на вработени во органите на државна власт бил 16.522, а во 2020 е 15.945 што претставува намалување од 577 вработени или за 3 отсто.

Најголем број на вработени има во образование 32 проценти, здравство 19 проценти, управи 14 проценти, комунални дејности 9,6 проценти, детска заштита и социјална политика 6,8 проценти.

Министерот истакна дека за разлика на тоа што во 2020 година бројот на вработени во државниот апарат бил намален, сепак бројот на вработени во здравство, детска и социјална заштита имало зголемување на вработеноста, бидејќи имало потреба.

Повеќе од половината, односно 53,62 проценти од вработените биле со високо образование, а биле вработени и 2.660 доктори на науки.

Извештајот покажува дека во јавниот сектор најголем број од вработените се жени 54,83 проценти наспроти мажите чиј процент изнесува 45,17, а просечната возраст е 46.

Податоците од Агенцијата за привремени врабитувања покажуваат дека, во јавниот сектор, привремено се вработени 2.425 лица.