Бомба во Ниш тешка еден тон од 1999 година отстранета од градилиште

Биле евакуирани 1.300 граѓани, на кои сега им е дозволено повторно да се вратат во своите домови

Ниш. Фото: Aktron CC BY 3.0, via Wikimedia Commons

Бомба од авион во градилиште во Ниш беше успешно отстранета од страна на српското Министерство за внатрешни работи (МУП), пренесува Радио Слободна Европа. Бомбата датира од 1999 година, од бомбардирањето на НАТО врз Сојузната Република Југославија.

Бомбата е отстранета надвор од градот. На 1.300 граѓани кои беа евакуирани им е дозволено повторно да се вратат во своите домови.

Станува збор за бомба тешка 1.000 килограми.

„Ова е една од најголемите бомби што сме ги деактивирале досега. Ризикот е голем, пред сè за луѓето кои работат на неутрализацијата“, изјави Лука Чаушиќ, заменик министер за внатрешни работи и началник на Секторот за вонредни состојби.

Отстранувањето започна во 8 часот наутро и заврши во 9 и 40 часот, а во 10 часот им беше дозволено на евакуираните станари да се вратат дома.