Законски измени за одговорност за шпекулантите со економски информации

Гувернерот Димитар Богов најави дека Народна банка ќе побара измени во законската регулатива за одговорност на лицата и на медиумите кои шират шпекулаци кои можат да го загрозат банкарскиот сектор и да предизвикаат негативни економски последици.

Богов ова денеска го истакна на Комисијата за финансирање и буџет, а поводот се априлските шпекулации за наводна девалвација на денарот и вештачки создадената криза на менувачкиот пазар на девизи, кога граѓаните повлекоа рекордни 58,5 милиони евра, а Народна банка интервенираше со 77 милиони евра на пазарот.

Според гувернерот, веќе се прават анализи каква е меѓународната пракса за ваквите ситуации.

– Ги проучуваме праксите во современиот свет, соработуваме со меѓународни финансиски институции и некаде тоа е регулирано во закон за банки, а некаде во кривичниот законик – изјави Богов.