Богоев бара полициска контрола за справување со палењето на депонијата кај СЦ „Борис Трајковски“

Фото: Општина Карпош

Со механизација и вонредни дежурства на комунални редари, Општина Карпош ќе ја расчистува депонијата кај Спортскиот центар „Борис Трајковски”, која изминатава недела гореше во два наврати.

Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев информираше дека утринава се обратил и до СВР Скопје, од каде побарал зголемени полициски патроли на овој предел и за дежурства во текот на викендот и претстојните денови.

„Затоа што станува зор за свесно палење на оваа површина, бараме зголемени полициски патроли и евентуални дежурства во попладневните часови, во текот на денешниот ден, викендот и во претстојните неколку денови во овој дел од Карпош. Бараме зголемени полициски патроли за да го обезбедиме овој потег и конечно да се најде и санкционира сторителот/сторителите“ стои во дописот на Богоев до СВР Скопје.

Како што информираат од општина Карпош, од утринава, на терен, интензивно се работи со соодветна тешка механизација (гасеничари, камиони и сл.), а во акцијата ќе се вклучат и комуналните служби на општината. Предвидено е од 16 часот, на овој дел да дежураат двајца комунални редари на локалната самоуправа.