Бизнисмените бараат да бидат консултирани при носењето закони

Бизнисмените бараат и продолжување на реформите на пазарот на трудот со цел што е можно поголемо намалување на невработеноста

Македонските бизнисмени бараат од владата стопанските комори задолжително да бидат консултирани пред да се донесуваат законски прописи од значење за економијата, поголема правна сигурност, како и продолжување на реформите на пазарот на трудот за што е можно поголемо намалување на невработеноста.

Бизнисмените на средбата со вицепремиерот за европски прашања, Фатмир Бесими, оценија дека економскиот дел од извештајот на Европската комисија(ЕК) е генерално позитивен, но има забелешки на кои треба забрзано да се работи во иднина, пренесува „Алфа“.

Бесими, пак, истакна дека оптимистички се заклучоците за остварувањето на висок економски пораст, но дека треба многу повеќе да се искористат парите од европските фондови за да се зголеми конкурентноста на фирмите.

Според бизнисмените, еден од најзначајните фактори за земјава да привлече поголем број странски инвеститори, е членството во евро-атлантските структури.

Бизнисмените, уште пред да биде официјално објавен извештајот на Европската комисија, ја алармираа Владата за сите забелешки што беа нотирани во него.