Битиќи, Бочварски и Макрадули сведочеа за Зекири: Пошта треба да има 56 вработени, а се над 250

Сведоците зборуваа околу тоа каква била состојбата во Пошта и Македонски Железници, зошто е нарачана физибилити студија и што понатаму ќе се прави во однос на овие две институции кои со години работат со загуба

Фото: Суад Бајрами, Порталб.мк

На предлог на одбраната вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и поранешниот директор на Пошта на Северна Македонија, Јани Макрадули, денеска сведочеа во судскиот процес во кој поранешниот секретар на Владата на Северна Македонија, Мухамед Зекири е обвинет дека без постапка за јавна набавка склучил договори за консултантски услуги за анализа на состојбата во поштата и железницата, а со тоа ја „злоупотребил службената должност и овластувањата“, пренесува Порталб.мк.

Сведоците зборуваа околу тоа каква била состојбата во Пошта и МЖ, зошто е нарачана физибилити студија и што понатаму ќе се прави во однос на овие две институции кои со години работат со загуба.

Битиќи: Студијата предвидува дека за 5 години Пошта и МЖ ќе бидат профитабилни

Во Пошта на Северна Македонија има над 250 вработени, а со систематизацијата предвидена со физибилити студијата оваа бројка би требало да биде само 56, изјави Битиќи пред Судот, за физибилити студијата за Поштата која е предмет на обвинението.

„Во Економскиот совет на Владата беше отворено прашањето за Поштата на Северна Македонија, која е еден од најголемите загубари. По моето доаѓање на функција, Пошта на Северна Македонија имаат загуба од 2-3 милиони евра годишно. Поради ова, проблем со исплатата на плати имаа и Пошта на Северна Македонија, но и МЖ кои беа загубари. Затоа требаше да се направи физибилити студија за да се види дали ќе се приватизира или ќе влезе во јавно приватно партнерство. Наш совет до Секретаријатот беше реструктурирање на Пошта на Северна Македонија“, рече Битиќи.

Тој информираше дека физибилити студијата за Пошта на Северна Македонија е завршена и е во Владата, додека пак физибилити студијата за Македонски Железници е завршена, но не е извршен официјален прием и не е извршена исплатата.

Во физибилити студијата има анализа на моменталната состојба, потоа има препораки да во рок од 5 години Пошта на Северна Македонија се трансформира од претпријатие загубар во профитабилно претпријатие.

По спроведувањето на студијата, во организација на Генералниот секретаријат, претставниците на компанијата направија презентација на физибилити студијата, во присуство на Битиќи, Бочварски и претставници на Пошта на Северна Македонија, меѓу кои и Макрадули.

Според Битиќи студијата се користи, но случајот е заглавен затоа што две недели по прифаќањето на студијата Макрадули бил разрешен, потоа на негово место дошол друг [Васко Стефанов], но и тој бил разрешен и пред месец и половина именуван е нов директор [Бујаре Абази], со која се сретнавме и на која ѝ рекол дека има студија и дека ова прашање мора да се реши.

За студијата за Македонски Железници, Битиќи рече дека ситуацијата е посложена.

„Превозот на патници секаде е субвенциониран од Владата, бидејќи не може да генерира доволно приходи за да биде одржлив, од друга страна, што се однесува на транспортот на стока или товар, опремата е застарена“, рече Битиќи.

Тој додаде дека со студијата се предвидува дека за пет години Македонски Железници ќе станат респе и профитабилни.

„За нас беше поважно да се запре штетата врз буџетот“, рече Битиќи.

Тој најави дека студијата е готова и се користи и покрај тоа што не е официјално прифатена и не е платена.

Во однос на тоа што треба да содржи студијата, Битиќи рече дека генералниот секретар ги добил инструкциите од неговиот кабинет, бидејќи не очекувале Генералниот секретаријат да даде инструкции.

Макрадули: Студијата имаше податоци за преголемиот број на вработени во Пошта на Северна Македонија

Јани Макрадули, кој беше директор на Пошта на Северна Македонија од ноември 200 до април 2022 година, пред судот зборуваше за ситуацијата во Пошта на Северна Македонија која со години беше загубар.

И тој, како и Битиќи, рече дека учествувал во презентацијата на физибилити студијата за Пошта и рече дека оваа студија ја истражувала превработеноста во Пошта.

„Во студијата имаше податоци за превработеност и за нефункционални позиции. Така што во тоа време Пошта имаше околу 240 вработени, а анализите покажаа дека се потребни околу 60. Овие податоци беа комплементарни на нашите заложби“, рече Макрадули.

Бочварски: Физибилити студијата беше користена во процесот на скрининг

По него, заклетва дека ќе ја каже само „вистината“ пред судот даде Благој Бочварски. Судијката на предметот Фанка Јанчулева Михаиловска, како и на двајцата претходни сведоци, на Бочварски му порача дека и покрај тоа што е позната јавна личност, сепак, за да се почитува законот, мора да даде лична карта за да се идентификува.

Бочварски рече дека по професија е дипломиран инженер – архитект, а во меѓувреме ја извршува функцијата министер за транспорт и врски, по што интервенираше вториот судија на предметот Осман Шабани, кој рече: Како Миле? (Алудирајќи на Миле Јанакиески, поранешниот министер за транспорт и врски во Владата на Груевски, кој е вмешан во многу афери и судски случаи, за кои со години продолжува да се влече по судовите).

Атмосферата продолжи со смеа, а во меѓувреме адвокатот на Мухамед Зекири, Мирослав Вујиќ, два пати тропна на масата, како знак за „заштита од уроци“.

Рочиштето продолжи со прашањата на адвокатите на Зекири околу тоа дали физибилити студијата за Пошта на Северна Македонија е од корист. Бочварски рече дека студијата се наоѓа во Министерството и се користи, и податоците добиени од неа се користени во скринингот на РСМ во Брисел.

„Нашите служби имаа средба во Брисел како дел од скринингот на оваа тема и ги искористија податоците од оваа студија“, рече Бочварски.

На прашањето на обвинителката дали освен физибилити студијата немаат од каде друго да ги добијат податоците за состојбата во Пошта, Бочварски рече дека стручните структури имаат појасна слика за тоа.

„Стручните служби имаат една појасна слика за состојбата, но за идните чекори мора да се направи студија и анализа “, рече Бочварски.

На претходното судско рочиште судењето почна од почеток, бидејќи од последното рочиште поминале 90 дена.

Зекири е обвинет дека во периодот од април 2021 година до јануари 2022 година, во својство на генерален секретар на Владата, без да спроведе јавна набавка, склучил договори за консултантски услуги со фирма во вкупна вредност од речиси еден милион евра, т.е. платени се 147.000 евра повеќе од 795.000 однапред договорените.

Тој се гони за склучување на два приватни договори за консултантски услуги – едниот за дефинирање на моделот за преструктуирање на АД „Пошта“ и вториот договор за консултантски услуги за поддршка на процесот за евентуална приватизација на „Железници“.

Обвинителката Катерина Коларевиќ смета дека во судскиот процес ќе може да докаже дека поранешниот генерален секретар на Владата ја злоупотребил функцијата и службените овластувања и е убедена дека требало да распише тендери, додека пак Зекири рече дека не се чувствува виновен и верува дека не го прекршил Законот за јавни набавки.

На Зекири на 9 април минатата година му беше одредена мерка притвор, која во јуни годинава поради здравствени причини беше заменета со куќен притвор.

Судењето го води судијката Фанка Јанчулева Михаиловска.