Бектеши: Македонија ќе воспостави заедничка царинска контрола и со Албанија

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска изјави дека Македонија ќе воспостави „one stop shop“ за заедничка гранична контрола и со Албанија, а целта според него е зголемување на трговската соработка помеѓу двете земји.

– Македонија е целосно посветена на зголемување на соработката со државите од регионот, на основање заедничка економска зона, со што ќе се зголеми конкурентноста на нашите компании –  изјави Бектеши пред почетокот на јавната расправа во Стопанската комора на Македонија за придобивките на македонската економија од членството во НАТО и ЕУ.

Тој додаде дека целта на овој проект е олеснување на слободната трговија за стоки, подобрување на заедничкото управување со ризик, и што е можно поголема трговска размена помеѓу двете земји.

Воведувањето на заеднички царински конктроли, помеѓу Македонија и Албанија како потписнички на Меѓународната конвенција за поедноставување и хармонизација на царинските постапки, е дел и од акцискиот план за создавање на регионална економска област на Западен Балкан, усвоен во текот на Самитот на ЕУ со земјите на Западен Балкан оддржан во Трст 2017 година.