Австралиски министер си поднесе оставка откако ја прекрши забраната за патување

Викендов уште еден државен функционер во светот си поднесе оставка поради корона кризата. Министерот за култура во австралиската држава Нов Јужен Велс, Дон Харвин, изминатиов викенд се повлече од функцијата, откако беше казнет со 1.000 долари поради кршење на забраната за патување. Харвин тврди дека патувањето се случило пред да стапат на сила правилата за ограничување на патувањата, но истакна дека не сака неговиот случај да биде пречка за владата во борбата против Ковид-19.

„Ништо не е поважно од работата на владата во борбата против корона вирусот. Нема да допуштам моите постапки да бидат пречка во тој труд и изразувам големо жалење што моето станбено прашање стана проблем во ова време“, додаде тој.

Во Австралија потврдени се 6.351 случаи од корона вирус, а почина 61 лице. Од вирусот оздравеле 1.806 лица.

Претходно, оставка поднесе и главната советничка за здравство на Шкотска, Кетрин Калдервуд откако беше откриено дека ги прекршила советите за ограничување на движењето за превенција од ширење на корона вирусот.