„Алиекспрес“ не испраќа мистериозни кутии за 125 денари

Брендот е злоупотребен за да се намамат граѓани да оставаат нивни лични податоци

Фото: Принтскрин, објава на Фејсбук

Во објавата која ја анализираме очигледно станува збор за измама и за лажна наградна игра. Платформата Алиекспрес кај нас нема претставништво, уште помалку има официјална веб-страница или Фејсбук страница на македонски јазик. Брендот е злоупотребен за да се намамат граѓани да оставаат нивни лични податоци, пишува Вистиномер. 

Објавата ја пренесуваме интегрално:

 

Анализираме објава на Фејсбук која вели:

Внимание на сите! Добијте мистериозна кутија за само 125 MKD Заборавените предмети постари од 12 месеци морале да бидат испратени на царински пункт. Лесно можете да купите апарати за домаќинство, телефони, кујнски прибор или други работи. Кликнете на копчето „Нарачајте сега“ за да го користите Aliexpress  по специјална цена.

Инаку AliExpress е онлајн услуга за малопродажба со седиште во Кина и во сопственост на Alibaba Group. Лансиран во 2010 година, тој е составен од мали бизниси во Кина и други локации, како што е Сингапур, кои нудат производи на меѓународните онлајн купувачи. Преку Алиекспрес се испорачуваат пратки и во Северна Македонија, но компанијата нема седиште, односно претставништво во нашата држава.

Фејсбук страницата која информира за наводната наградна игра е нова и има само петмина следбеници и освен објавата за наградната игра, нема други објави, ниту информации за компанијата.

Тоа веднаш создава сомнеж за релевантноста на наградната игра. Кога ќе стиснете на копчето нарачај, тоа ве води на посебна веб страница  каде се бара од вас да одговорите на кратка анкета од три прашања за да учествувате во наводната наградна игра.

Веб-страницата дури содржи и коментари од наводни следбеници на Фејсбук кои наводно го добиле мистериозниот пакет за 125 денари.

Од коментарите е очигледно дека тие се креирани со помош на Гугл транслејт, а имињата на оние кои коментирале ги проверивме и истите не постојат на Фејсбук.

Откако ќе одговорите на анкетата, веб-страницата ви дава можност да отворите три кутии и едната од нив секако е добитна.

Откако ќе ве информира дека сте добитник на мистериозната кутија, веб-страницата ве води понатаму и бара од вас да уплатите 125 денари за испорака.

Очигледно е дека целта на објавата е да се приберат податоци од следбеници на Фејсбук и да се испразнат нивните сметки.

Најважниот параметар преку којшто корисниците на социјалните мрежи може да откријат дали наградната игра во која учествуваат е вистинита или лажна, е од која страница доаѓа. Официјалните страници на компаниите се секогаш тие коишто се вклучени во официјалниот маркетинг и евентуалното доделување награди. Тие никогаш не користат прокси Фејсбук страници бидејќи за тоа немаат потреба, бројот на следбеници на официјалните страници им е голем, експонираноста и присутноста кај потрошувачите преку официјалните страници им е на завидно ниво, па затоа не би имале потреба да креираат нови.

Во објавата која ја анализираме очигледно станува збор за измама и за лажна наградна игра. Брендот Алиекспрес кај нас нема претставништво, уште помалку има официјална веб-страница или Фејсбук страница на македонски јазик. Брендот е злоупотребен за да се намамат граѓани да оставаат нивни лични податоци.

Поради сето ова, објавата ја оценуваме како неточна.