Контраспин: Владината свита ја личи само со бизнис класа

Ваквиот потценувачки однос кон расфрлањето државни пари, повеќе личи на аздисаност, збеснатост и ароганција. Дотолку повеќе, што актуелната власт се жали дека буџетот е празен и ги критикува СДСМ и ДУИ дека неодговорно ги трошеле парите од државната каса додека биле на власт

Фото: skopje.gov.mk

Ставајќи се на браникот на Владата, Славески вели дека патувањето со бизнис класа на владиниот тим било нужност за поефикасен настап на државата во САД. А, притоа иронизира и зајадливо прашува дали можеби високите владини претставници требале да патуваат преку океанот еден месец со брод? Според него, постапката е исправна, а сето друго било гол популизам. Но ваквиот потценувачки однос кон расфрлањето државни пари, повеќе личи на аздисаност, збеснатост и ароганција. Дотолку повеќе, што актуелната власт се жали дека буџетот е празен и ги критикува СДСМ и ДУИ дека неодговорно ги трошеле парите од државната каса додека биле на власт, пишува Вистиномер. 

Текстот го објавуваме во целост:

 

Високиот партиски функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески, во колумна насловена „Бизнис класа“,  спинувајќи ја вистината вели:

Спин: Опозициската СДСМ протестира зошто премиерот и неколку владини министри на неодамнешното патување во САД со авион користеле бизнис класа.

Можеби сакаат високите владини претставници на следното патување преку океанот да патуваат еден месец со брод од италијанското пристаниште Џенова, откако претходно со воз втора класа би пристигнале до брегот на Италија.

Не сум сигурен дека ваквото патешествие би било поевтино за македонските даночни обврзници…

За да можат нашите претставници да бидат продуктивни уште од првиот ден по пристигнувањето на крајната дестинација, неопходно е да патуваат со бизнис класа

[ИзворПлусинфоТајм.мк  датум: 16.03.2024]

Контраспин: Ваквата реакција на претседателот на Советот на Град Скопје и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Славески доаѓа по обвинувањата на СДСМ дека премиерот Христијан Мицкоски и тројца министри на Самитот на НАТО во Вашингтон патувале со бизнис класа, и само за нивните авионски карти биле потрошени 20.000 евра.

Ставајќи се на браникот на Владата, Славески спинува и вели дека патувањето со бизнис класа на владиниот тим било нужност, за поефикасен настап и претставување на државата на средбите веднаш по пристигнувањето во САД. Притоа тој иронизира и зајадливо прашува дали можеби високите владини претставници треба да патуваат преку океанот еден месец со брод?! Така што, според него, исправна е постапка на премиерот и министрите да патуваат со бизнис класа, а како што заклучува на крајот од колумната „сето друго е гол популизам“.

А, токму терминот „популизам“ некако стана многу популарен деновиве – и новата ДКСК ги обвини нивните претходници за популизам, бидејќи преферирале да одат на работа со велосипед или со јавен превоз.

Но за каков популизам говори Славески, ако се бара од власта внимателно и домаќински да го троши буџетот? Ваквиот потценувачки однос кон расфрлањето државни пари повеќе личи на  аздисаност, збеснатост и ароганција. Дотолку повеќе, што актуелната власт ја критикува сегашната опозиција дека неодговорно ги трошела парите од државната каса додека била на власт, па сега буџетот е празен. Впрочем, ВМРО-ДПМНЕ и додека беше во опозиција имаше низа прес-конференции, соопштенија, изјави дека СДСМ и ДУИ нерационално ги трошат буџетските средства.

Затоа и зачудува што Мицкоски се решил да патува со бизнис класа, во ситуација кога тој, но и други владини претставници, ја обвинуваат претходната владејачка структура дека аздисано, душмански трошела државни пари.

Состојбата со Буџетот е алармантна и  недостигаат пари за што истражните органи ќе имаат многу работа во следниот период, се пожали неодамна Мицкоски во интервју на Сител ТВ (16.07.2024)

Неколку дена подоцна (20.07.2024), Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање повторно коментираше дека:

Вистината е дека оставија буџет без 5 милијарди денари за пензионерите и 3,7 милијарди денари за земјоделците.

Само, нејасно е како премиерот, доколку  буџетот е во таква очајна состојба, сепак одбра полуксузна варијанта и наместо со економска, отпатува во САД со бизнис класа. Дали е тоа домаќински потег и грижливо трошење на народните пари?

 

Контраобвинувања: Не ВМРО-ДПМНЕ, туку СДСМ се луксузирале!

ВМРО-ДПМНЕ нема конкретни одговори на критиките упатени од СДСМ на адреса на премиерот и министрите. Релативизирајќи ја постапката на владините фунционери, од партијата излегоа со контраобвинувања за претходната Влада и во стилот „вие бевте полоши” соопштија:

Од 30 дена, владиниот авион министрите на ДУИ и СДС го користеле 25 дена. Меѓу другото и за летови до Ниш.

Ваквата искористеност на владиниот авион сега придонесе за сервис кој чини 1 милион евра кои ќе биде платен од буџетот на граѓаните.

Воедно да не се заборави дека Заев на настани во Македонија одеше со државен хеликоптер…

Што се однесува до трошоците за кои СДС зборува, тие се далеку помали од оние кои беа направени во нивното време на власт. Не само што нивните трошоци беа целосно непродуктивни.

Нема да дозволиме криминалците преку лажни обвинувања да го сведат ВМРО-ДПМНЕ на нивно ниво.

Од владејачката партија велат дека обвинувањата на СДСМ се лажнидека вистинските трошоци биле далеку помали од оние направени во време на СДСМ, ама сепак, не открија точна сума за тоа колку пари биле потрошени за патувањето на владината делегација во САД..

Исто така, од партијата на Мицкоски нема коментар за тврдењето на СДСМ дека Владата, уште од времето на Груевски има донесено одлука со која сите функционери се задолжуваат да патуваат со економска класа. Ако навистина постои таква владина одлука, нејасно е зошто владиниот тим предводен од премиерот, на ја почитувал, дотолку повеќе што била донесена (како што тврдат социјалдемократите) во време на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

И, колку и да се труди Славески да нè убедува дека владината свита морала да патува со бизнис класа за да биде попродуктивна, неодминлив е впечатокот на некоректност, па и неизживеаност. Како едвај да дочекале да дојдат на функција и да аздисаат.

Пишува: Оливера Војновска