Од старост угина тигрицата Надја во скопската Зоолошка градина

Директорот на ЗОО Скопје, Попов, вели дека Надја била стара 21 година, што е многу повеќе од животниот век на тигар кој живее во зоолошка градина, кој изнесува од 16 до 18 години

Image by Rudy and Peter Skitterians from Pixabay

Угина тигрицата Надја од скопската Зоолошка градина, соопштија од институцијата.

В.д. директорот на зоолошката, Зоран Попов вели дека Надја била стара 21 година, што е многу повеќе од животниот век на тигар кој живее во зоолошка градина, кој изнесува од 16 до 18 години.

„Очекувано ни беше угинувањето на Надја, која беше премногу стара. Не можеше ниту да се анестезира за да ѝ се извршат основните прегледи, поради можноста да не се разбуди“, вели Попов.

Надја во скопската Зоолошка градина пристигнала од Будимпешта во 2010 година, кога имала осум години во тогаш новоизграденото живеалиште за тигри по светски стандарди. Во Скопје ЗОО живеела заедно со својата ќерка Ана и како една од најстарите жителки на градината беше миленичка на сите вработени. Сибирската тигрица Надја е родена 2002 година во Франција, а во Скопје живееше цели 13 години.

Пред помалку од еден месец, во скопската Зоолошка градина беа отруени три коњи,  со брзоделувачки отров. Резултатите од обдукцијата беа доставени до МВР и до Агенцијата за храна и ветеринарство за понатамошно постапување. ЗОО Скопје поднесе и официјална кривична пријава, а сторителот сè уште не е најден.

Станува збор за три коњи од видот „пржевалскиев“, со потекло од Монголија, а донирани во земјава од страна на македонска фирма, земени од австриски национален парк.

И жирафата Каспер, долгогодишен омилен жител на ЗОО Скопје неодамна угина од инфекција „салмонела“. Според патохистолошката анализа од Факултетот за ветеринарна медицина, констатирано е дека оваа инфекција била пронајдена во желудникот на жирафата, црниот дроб, слезината и цревата. Притоа, во цревата биле најдени и паразити.