(ВИДЕО) Претреси во Скопје – приведен дилер, запленет имот вреден стотици илјади евра

Во деловен објект биле пронајдени 21 компјутер со монитори и разновидна гејмерска и компјутерска опрема вредна околу 120.000 евра, за кои постои сомнение дека се купени од пари од продажба на дрога

фото: колаж од фотографии на Министерството за внатрешни работи (МВР)

Полицијата во координација со специјалците од единицата „Тигар“ вчера извршиле претреси на три локации во скопската населба Гази Баба, при што биле пронајдени кокаин, дигитални ваги, но и разновидна скапа компјутерска опрема за која постои сомнение дека е купена со парите од продажба на дрога, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).

Како што информираа од таму, по насоки од јавното обвинителство, во периодот од септември 2023 година до јануари годинава било спроведено криминалистичко истражување за 45-годишниот Р.К. од Скопје, кој претходно бил осуден и издржал казна затвор од 15 години за продажба на дрога.

Во текот на истрагата било утврдено дека скопјанецот набавувал кокаин, хероин и марихуана и потоа ги препакувал и ги продавал, по цена од 3.000 денари за пакување кокаин, од 600 до 1.000 денари за пакување хероин и 600 денари за пакување марихуана.

„Во текот на истрагата обезбедени се докази дека Р.К. продавал дрога на поголем број лица“, велат од МВР.

За време на вчерашните претреси, во деловен објект во Гази Баба биле пронајдени 21 компјутер со монитори и разновидна гејмерска и компјутерска опрема вредна околу 120.000 евра, за кои постои сомнение дека се купени од парите од продажба на дрогата.

Од полицијата информираа дека, по приемот на кривичната пријава, Основното јавно обвинителство Скопје утре ќе донесе наредба за спроведување на истрага против осомничениот, а до Основниот кривичен суд Скопје ќе биде доставен предлог за определување мерка притвор.

Во текот на постапката, против Р.К. ќе биде спроведена и финансиска истрага.

„Доколку се потврдат сомненијата дека пронајдената опрема, превозни средства и недвижниот имот се стекнати со финансиски средства остварени со продажба на наркотична дрога, Јавното обвинителство ќе поведе постапка за конфискација, во согласност со законските одредби“, соопштија од МВР.