Меџити: Лично ќе иницирам инспекциски надзор и при најмал сомнеж за несоодветен третман

Нема да дозволиме да останат нерасчистени случаи, мора да има одговорност кога е здравјето на граѓаните во прашање, рече Меџити на средбата со директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Рената Младеновска

Фото: Министерство за здравство

Лично ќе иницирам инспекциски надзор за секој случај за кој постои и најмал сомнеж за тоа дали е обезбедена соодветна здравствена заштита за пациентите и дали тие добиле соодветен третман, истакна министерот за здравство д-р Фатмир Меџити на денешната работна средба со директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Рената Младеновска.

На средбата беше разговарано и за актуелните случаи за кои Министерството за здравство иницираше вонреден инспекциски надзор.

„Министерството за здравство будно ја следи работата на сите јавни здравствени установи и е во постојана координација со раководните структури. Нема да дозволиме да останат нерасчистени случаи, мора да има одговорност кога е здравјето на граѓаните во прашање. Секаде каде што ќе се отвори дилема дали е обезбедена соодветна здравствена заштита за пациентите и дали тие добиле соодветен третман ќе иницираме надзор на теренот“, рече Меџити.

Тој додаде дека улогата на ДСЗИ во здравствениот систем е огромна и дека оваа институција мора сериозно да ја спроведува својата работа и транспарентно да известува, бидејќи од неа во голема мера зависи довербата на пациентите во јавното здравство.

Рената Младеновска / Фото: Министерство за здравство

„Државниот санитарен и здравствен инспекторат е постојано на терен и врши надзор преку редовни, вонредни и контролни инспекциски надзори во сите здравствени установи. Фокусирани сме на делот на обезбедување квалитетна здравствена заштита и остварување на правата на пациентите. На секоја добиена претставка или налог од министерот за здравство ние соодветно постапуваме“, рече Младеновска.

Таа информираше и за вонредниот инспекциски надзор реализиран во врска со случајот на мртвороденото бебе во Клиничката болница во Битола, за кој рече дека е завршен и дека наскоро се очекуваат резултатите кои ќе бидат во детали соопштени во јавноста.