Бесими: Интензивно се дискутира за системско решение за раст на платите во јавната администрација

Ваквото решение ќе го дефинира статусот и ќе го заштити стандардот на вработените, а воедно ќе ја следи продуктивноста на економијата, рече министерот Бесими

фото: Министерство за финансии

Единствено одржливо решение кое ќе обезбеди раст на платите на вработените во јавниот сектор е системско решение заеднички усвоено и дефинирано со синдикатите. Парцијално или индивидуално решение ќе го оневозможи таквото системско решение кое е неопходно во правец на континуиран раст на платите.

Ова денеска во изјава за медиумите го истакна министерот за финансии Фатмир Бесими, посочувајќи дека во рамки на Економско-социјалниот совет се водат интензивни разговори и се очекува да се усогласи и дефинира методологијата.

Бесими рече дека ваквото решение ќе го дефинира статусот и ќе го заштити стандардот на вработените, а воедно ќе ја следи продуктивноста на економијата.

„Во рамки на Економско-социјалниот совет интензивно дискутираме со синдикатите за изнаоѓање решение кое ќе значи воспоставување методологија и ќе биде системско решение кое ќе ги заштити вработените во јавниот сектор и нивниот стандард во однос на инфлацијата.  Се работи на усогласување и потпишување на Општ колективен договор, кој ќе важи за сите вработени во јавниот сектор. Процесот е дефиниран, преговорите се водат и очекуваме да се усогласиме и да се заокружи целиот процес и методологијата“, рече Бесими.

Министерот посочи дека договореното решение би имало транзиторна примена, односно период на приспособување. Тој рече оти платите на вработените во јавниот сектор имаат раст и годинава и дека растот ќе продолжи и во иднина преку системското решение.