Владата го разреши директорот на Управата за извршување на санкции

Фото: Архива, Министерство за правда

Владата на денешната седница донесе одлука да го разреши Марјан Спасовски од должноста директор на Управа за извршување на санкциите, информираат од владината прес-служба. Одлука за назначување на нов директор засега нема, а владиното соопштение следи откако вчера премиерот Димитар Ковачевски изјави дека почнал селекција на нов директор, бидејќи не бил задоволен од работата на Марјан Спасовски.

Инаку, постапката за разрешување на актуелниот директор на Управата за извршување на санкции, која е под надлежност на Министерството за правда, следи неколку дена по бегството на 36-годишниот Беким Мемети, поради кое полицијата до обвинителството поднесе кривични пријави против тројца затворски полицајци и командирот на смена во затворот „Идризово“.

Министерството за внатрешни работи информираше дека овие вработени лица во затворот, спротивно на законот, го ослободиле лицето Б.М., осудено за кривично дело по член 123 – убиство, кое им било доверено на чување и му помогнале да побегне.

Четворица полицајци се осомничени дека со умисла го овозможиле бегството на затвореникот