Укинат куќниот притвор на Стевчо Јакимовски

Кривичниот суд во Скопје ја укина мерката куќен притвор на поранешниот градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски.

„Заради интерес на повеќе медиуми околу мерката за обезбедување присуство за С.Ј. кој по предлог на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција од 19 март 2019 година се наоѓа во куќен притвор, ја информираме јавноста дека од надлежен јавен обвинител до судија на претходна постапка на 12.09.2019 година доставен е предлог за укинување на мерката куќен притвор и определување мерки за претпазливост. По разгледување и ценење на предлогот истиот е уважен од судија и мерката куќен притвор е укината, а определени се други поблаги мерки за претпазливост“, соопштуваат од Судот.

Јакимовски заедно со уште четири лица е осомничен дека сториле кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување во периодот од 2011 до 2017 при постапување по барање за утврдување правен статус на објекти лоцирани на булевар Илинденска во Скопје.