Груевски: Заев е донесен на власт да го реши спорот за името како што сака Грција

Зоран Заев е донесен на власт да го реши спорот за името така како што сака Грција, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во интервју за телевизија „Сител“.

Тој рече дека се чека да завршат локалните избори за да почнат конкретни преговори.

– Главната цел зошто се донесени на власт како поразени на изборите во декември 2016 година е да се реши спорот за името и тоа да биде по терк на Грција. Тоа го знаат веќе сите, не само во Македонија, туку и во цела Европа. Се чека само да завршат локалните избори и да почнат конкретни преговори – рече Груевски како одговор на премиерот Зоран Заев кој денеска на прес-конференција, меѓу другото, зборуваше и за спорот со Грција.

За локалните избори, Груевски вели дека не очекува да бидат фер, дека се заплашуваат кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и дека последните постапки покажале дека полицијатаа ќе биде ставена во партиска служба и за кампањата.

По завршувањето на локалните избори, Груевски најави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе побара предвремени парламентарни избори за, како што вели, „да почне нова ера и да се стави крај на ова помрачување што ѝ се случи на државата со доаѓањето на СДСМ на власт“.