СДСМ: Наместо награда на Дурловски, Иванов да го даде мандатот за нова влада

Врв на хипокризијата во општеството е што на Денот на победата над фашизмот, државната награда за Македонската опера и балет (МОБ) Ѓорге Иванов му ја врачи на Игор Дурловски, кој поттикнува и промовира фашизам во Македонија, реагираат од СДСМ.

„СДСМ ја честита 70-годишнината на Македонската опера и балет и најавуваме дека никогаш повеќе институциите нема да бидат заложници на партиски интереси ниту, пак, ќе бидат раководени од лица што се инспиратори на убиства на народни избраници, насилства врз новинари, поделби и на провокации меѓу граѓаните. Ова особено, ако се земе предвид дека станува збор за институција од областа на културата, која треба да биде промотор на заедничките културни и цивилизациски вредности и придобивки“, велат од СДСМ.

Од партијата нагласуваат дека она што мора и може претседателот Иванов да го направи за граѓаните во овој момент е да го додели мандатот за формирање нова влада.