Одбраната за Заев побара изземање и на обвинителот Златко Биковски за „Поткуп“

Обвинителот Владимир Милошевски, поради истечениот мандат во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал, на денешното рочиште за случајот „Поткуп“ беше заменет од неговиот колега и в.д. претседател на ова обвинителство, Златко Биковски. Одбраната на обвинетиот, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, побара и тој да биде изземен од случајот.

Причините за барањето за изземање ги образложи Заев, кој рече дека постојат сомнежи оти Биковски е дел од организирана група што го користи јавното обвинителство да монтира судски процеси против него од чисто политички причини.

Судијката Дијана Груевска-Илиевска, по ова, даде пауза од два часа за да може Вишото јавно обвинителство да донесе одлука по барањето на адвокатите на Заев. Одбраната, пак, побара наместо два часа, судот да им даде од еден до три дена за да го комплетираат барањето за изземање на Биковски со докази.

Адвокатот Јаким Неделков и на денешното рочиште побара запирање на постапката за случајот „Поткуп“, сè додека Специјалното јавно обвинителство не се произнесе по кривичната пријава на Заев, што се однесува на објавувањето на снимките од посебните истражни мерки поврзани со овој случај.