Повелба за солидарност: Да се одложи плаќањето на придонеси за хонорарците

Да се одложи законот за плаќање придонеси за задолжително социјално осигурување за хонорарците, бараат потписниците на Повелбата за солидарност на синдикатите и на здруженијата за заштита на работничките права. Тие сметаат дека ако се донесе, овој закон дополнително ќе ги намали правата на работниците.

Оттаму велат дека не се против тоа да се плаќаат придонеси за хонорарците, туку оти не се убедени дека законските измени што ќе стапат на сила од 1 јануари 2015 година ќе го решат проблемот со правата од пензиско и од здравствено осигурување.

– Законските измени ќе ги поттикнат работодавците наместо договори за вработување, да склучуваат договори за дело со нововработените лица, дури и со веќе вработените работници. На тој начин, тие ќе си ги исполнат финансиските обврски кон државата (плаќање придонеси од плата и од персонален данок), но ќе заштедат на грбот на работниците врз основа на неисплата на надоместоци за годишен одмор, надоместоци за боледување, задолжителни систематски прегледи, отпремнини за вработените кои ги отпуштаат и друго – стои во соопштението.