Ротаријанците собраа повеќе од 40.000 евра за детското болничко одделение

Ohri

Членовите на клубот „Ротари“ – Охрид, реализираа проект „Медицинска опрема за детското одделение при Општата болница во Охрид“, во вредност од 40.245 евра. Поддршката пристигнала од Фондацијата „Ротари“ на клубовите „Ротари интернешнл“ од Италија, Шведска и од Србија.

Ова е првпат клубот „Ротари“ – Охрид да спроведува проект кој е резултат на меѓународна соработка и е делумно поддржан од Фондацијата “Ротари“.

– Како „Ротари-клуб“ ја искористивме можноста за соработка со сродни клубови од странство и влеговме во таканаречената „мултиклуб – работилница“ каде што се вклучени клубови од: Италија, Русија, Шведска, Србија, а од изминатата година преку „Ротари-клубот Охрид“ вклучена е и Македонија. Претставници од дистриктите и од клубовите се среќаваат еднаш годишно во Италија и секоја втора година во една од земјите-членки. Целта на средбите е да си ги презентираат сопствените култури и обележја, а истовремено да презентираат проекти, гласаат за нив и ги финансираат одбраните проекти. Заеднички подготвуваат апликација до Фондацијата „Ротари“ за да го добијат остатокот од потребните средства. Проектот „Медицинска опрема за детско одделение при Општа болница Охрид“ е резултат од минатогодишната средба во Белград, каде што на наше големо задоволство наиде на неподелени симпатии меѓу колегите ротаријанци – информираат од клубот „Ротари“ – Охрид.