Ѓорѓи Крстевски (Скопје, 1981), завршил Руски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Преведува од руски, англиски, српски и хрватски јазик, а досега превел над 40 книги. Автор е на збирките кратки раскази „Обични и необични приказни“ (Темплум, 2011) и „Другата страна„ (Бегемот, 2019), а во 2005 година заедно со други двајца автори ја објавија книгата кратки прози и поезија во проза „Не сакав да ви кажам ништо“ за издавачката куќа АШ.
Негови раскази се застапени во антологијата на македонскиот краток расказ „Џинџуџе во светот на афионите“, во антологијата „Скопски раскази“, во антологијата на македонскиот фантастичен расказ „Тешка ноќ“, во антологијата на млади македонски автори „Ветрот носи убаво време“ и во проектот „Раскази.мк“, како и во неколку книжевни списанија во земјава и во странство.
Објавува свои дела на разни интернет портали кои ја промовираат уметноста. Освен кратки раскази, пишува и афоризми и поезија. Живее и работи во Скопје.
Повод за нашиот разговор е српскиот превод на вашата книга раскази „Другата страна“. Како дојде до тоа книгата да се преведе и дали има и други преводи на вашите книги?
Интерес за книгата се појави од неколку издавачки куќи од државите во регионот кога во 2020 година беше номинирана за Европска награда за литература. Мојот издавач доби понуди за превод од Србија, од Бугарија, од Албанија и од Хрватска, со тоа што издавачите од последните две држави поставија услов – ако книгата ја добие наградата, ќе биде преведена. Како што знаете, таа година Европската награда за литература ја доби писателот Петар Андоновски, по што интересот за превод на „Другата страна“ остана само кај издавачот во Србија и издавачот во Бугарија. Неодамна излезе српскиот превод за издавачката куќа „Treći Trg“, а наскоро се очекува и бугарскиот превод за издавачката куќа „Персей“. Засега е тоа, се надевам дека во блиска и во подалечна иднина ќе има интерес и за мојата прва книга раскази.
Дали сметате дека поплаките на помладите писатели, писателки и поети и поетеси кои се жалат дека не можат да објават книга се основани, или повеќе сметате дека тоа е вид на индивидуална борба – да се оствари целта на објавување книга одобрена од Министерство за култура?
Мислам дека е и едното и другото. Од една страна, сметам дека е навистина потешко да објавите книга како млад и непознат автор доколку зад вас не застане некоја издавачка куќа, а од друга страна, пак, сметам дека секој автор треба да се бори за објавување на книгата и да ги искористи сите механизми што му стојат на располагање. Годишниот конкурс за издаваштво што го организира Министерството за култура е добра можност за лансирање млади и непознати или релативно непознати автори кон пошироката читателска публика. Сепак, тука треба да се наведе и дека учествата на поетски читања или книжевни читања, натпревари во слем поезија или во читање кратки раскази, или некои слични културни настани, знаат да бидат добра можност за промовирање на авторите.
Кој превод на книга од сите сработени преводи ви е омилена книга досега?
Тешко прашање, зашто не е една книга, туку се повеќе. Досега најмногу уживав во преведувањето на одредени руски класици како што се Николај Гогољ, Антон П. Чехов, па од поновите класици како Евгениј Замјатин, Данил Хармс, Владимир Набоков, Александар Грин, Михаил Булгаков, а од посовремените автор(к)и дефинитивно би ја навел Јулија Вознесенскаја, чиј роман „Женски декамерон“ за првпат се појави на македонски јазик, како и романите на Евгениј Водолазкин, за кого книжевната критика се изјасни како за „Умберко Еко на руската литература“. Списоков може да се растегне до недоглед, но ќе сопрам тука.
Вашата книга „Другата Страна“ е еден вид кафкајанска, чудна мрачна фантастика. Дали мислите дека оваа книга го постигна посакуваниот ефект или допрва треба време за импактот што веќе го има како дело да дојде до вистински израз?
Јас сум голем љубител на фантастичната книжевност, така што се подразбираше дека ќе се испробам во тој жанр. Ми ласка споредбата со Кафка, кој ми е еден од омилените писатели. Во однос на прашањето во врска со постигнатиот ефект, не би знаел што да одговорам, освен тоа дека потребна е временска дистанца за едно уметничко дело да се оцени како добро или лошо. Веројатно фактот што мои раскази се застапени во неколку антологии на краткиот расказ во Македонија говори во моја полза, но сепак, да оставиме времето да покаже.
Кои ви се омилени писател(к)и?
И ова може да биде долг список, но во интерес на просторот ќе се потрудам да го скратам. Кафка веќе го споменавме, тука се Хорхе Луис Борхес, Хулио Кортасар, Габриел Гарсија Маркес, Алис Манро, Антон Чехов, Николај Гогољ, Данил Хармс, Лав Толстој, Рејмонд Карвер, Итало Калвино, Дино Буцати, и уште многу многу други, а од домашните автори Влада Урошевиќ, Славко Јаневски и Димитар Солев.
Кои серии, филмови и анимирани филмови би ги препорачале? И дали воопшто гледате филмови?
Во последно време сум многу пребирлив, но секогаш наоѓам простор за некоја добра комедија (серија или филм, сеедно, а и стендап настапи на комичари). Од филмовите сè повеќе ме привлекува независната продукција, а тоа жанровски може да варира од акција, научна фантастика до хорор. Од анимираните филмови, односно серии, последно што ме одушеви беше серијата Scavengers Reign, направена во духот на стрип цртежите на познатиот Мебиус. Одамна не сум сретнал толку визуелно раскошна анимација.
Дали сметате дека слушањето музика додека се пишува или преведува е корисно или дистракција?
Јас постојано слушам музика кога работам, а тоа подразбира и кога преведувам. За мене најдобра музика е инструменталната, зашто нема пеење кое би ви го одвлекло вниманието. Додека преведувам најчесто или слушам пост-рок, или трип хоп, или некоја електронска амбиентална музика.
Би сакале да ви дадеме можност да ги наведете вашите омилени преведени наслови. Ова е со цел за нашите читатели да можат да ги најдат, бидејќи се работи за ризница и колосален долгогодишен литерарен труд што треба да се верифицира и документира.
Па, меѓу омилените преводи секако спаѓаат следниве:
- Одбраната на Лужин од Владимир Набоков;
- Потопи ми ја главата! од Јуриј Мамлеев;
- Призракот на Александар Волф од Гајто Газданов;
- Будење од Гајто Газданов;
- Вечер кај Клер од Гајто Газданов;
- Ловец на стаорци од Александар Грин;
- Авијатичарот од Евгениј Водолазкин;
- Женски Декамерон од Јулија Вознесенскаја;
- Доживувањата на еден мртовец од Михаил Булгаков;
- Ние од Евгениј Замјатин;
- Паѓаат старици од Данил Хармс.
Каков е функционалниот статус на преведувачи на книги, знаејќи дека во Македонија нема официјализирано правно статус на „фриленсери“ преведувачи? И што мислите дека треба да преземете за овој аспект на институционална поддршка?
Не сум најдобро запознаен со правниот статус, но колку што знам повеќето преведувачи се индивидуалци, односно работат за себе, а не за некоја фирма (ова повеќе важи за литературните преведувачи). Искрено, не знам дали и како би можело институционално да се уреди ова, а притоа да не им се влезе во „приватниот простор“ на самите преведувачи. Пред речиси десет години имаше обид да се оданочат фриленсерите, но таа идеја пропадна поради протестите што се случија тогаш. Обично фриленсерите живеат само од сопствениот труд и тој чекор сметам дека ќе беше погрешен и среќа што предлогот се повлече под притисок на јавноста. Мислам дека е доволно ако преведувачот правно е заштитен од потенцијални измами и нефер третман (како секој друг работник), ако има можност да му тече стаж и да има право на здравствено осигурување
Кој ваш сопствен афоризам го сметате и за животно мото?
За сè има вторпат.