Министерот за транспорт Александар Николоски соопшти дека на министерскиот состанок со министрите за транспорт на Европската Унија зборувал за крупните инфраструктурни проекти кои се реализираат во државата. Меѓу другото, во однос на железницата посочил дека приоритет број еден за земјата е изградба на „брза пруга Скопје-Солун со 200 км/ч“.
Во видеото што министерот кој објави на неговата ФБ страна, Николоски вели дека пругата од Коридорот 10 (Север-Југ) „целосно треба да ја промени економијата на Македонија и која Македонија треба да ја поврзе со главните пристаништа а секако на север и со Централна Европа“.
Тој додава оти кажал дека Владата интензивно работи и на изградба на железничкиот Коридор 8. Според Николоски, првата секција од пругата кон Бугарија била скоро готова, на втората се работело во моментов, а за третата имало технички предизвици.
„Во однос на третата секција имаме технички предизвици кои што се надевам дека ќе ги решиме во следниот период како и предизвици во однос на проектирањето а и секако сите други пречки кои што ги спомнав во периодот што беше пред нас. Но се надевам дека ќе најдеме и заеднички јазик со цел да немаме пруга која што завршува во тунел кој не води никаде“, извести Николоски.
Во однос на авиолиниите, тој рекол оти со новата политика на субвенционирање следната година ќе се воведат нови дестинации кон скопскиот и охридскиот аеродром, но и како што вели „над 20 отсто повеќе патници“.
„Разговараме на многу важни теми, можеби најважната тема за граѓаните а тоа е поврзувањето како полесно да се стигне од точка А до точка Б“, вели министерот за транспорт во видео изјавата објавена на неговата ФБ страна.
Лего коцки крај шините – за Коридорот 10 брза пруга, за Коридорот 8 слеп колосек