Многу деца во Северна Македонија се охрабруваат да возат моторни возила, почнувајќи од мотори до камиони со приколки. Тие неретко потоа и сами учествуваат во сообраќајот, загрозувајќи се себеси и другите. Последен таков случај е оној на автопатот Скопје – Велес, каде едно малолетно лице управуваше камион. Во МВР немаат статистики за овој вид на кривични дела. Експертите предупредуваат: родителите се главните виновници и оваа пракса треба да престане, пишува Порталб.мк.
Многу родители уште од мали ги учат децата да возат, по што тие и сами излегуваат на пат.
Новинарот на Порталб.мк неколку пати досега видел деца како управуваат со возила во сообраќајот без во возилото со нив да е присутен некој возрасен, главно во регионот на Тетово, иако ова не се случува само таму.
На 27 август годинава полицијата на Северна Македонија извести дека едно малолетно лице од скопското село Сарај на 10.08.2024 година без возачка дозвола управувал камион со полуприколка на автопатот Скопје-Велес, што го снимил неговиот вујко и снимките ги споделиле на социјалните мрежи.
„Мобилната единица за безбедност на патиштата во координација со Одделението за компјутерски криминал, инспекторот за малолетници од Гази Баба, а по претходна консултација со јавен обвинител за малолетници, ќе преземе мерки согласно Законот за безбедност на патиштата и тоа: против Б.М. по член 317 ст.14, против правното лице според член 317 ст.12 и ст.13 и против малолетното лице според член 225 ст.9. За настанот е известен и Центарот за социјални работи“, информираа од полицијата на РСМ.
Порталб.мк од Министерството за внатрешни работи побара податоци за тоа колку случаи на управување на моторно возило од деца (малолетни) се регистрирани, но од таму велат дека не располагаат со такви податоци.
„Што се однесува на прекршоците регистрирани по член 225 став 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, кој се однесува на „управување со моторно возило без возачка дозвола“, во кој се опфатени сите лица, без разлика на возраста, кои управувале возила без возачка дозвола, за време на првите шест месеци од 2024 година регистрирани се вкупно 8.464 прекршоци“, соопштија од Министерството за внатрешни работи.
Кривичните дела против безбедноста во јавниот сообраќај извршени од деца претставуваат една од групите незаконски дејствија кои кај нас се пријавуваат често. Ова го вели за Порталб.мк, Блерта Ахмеди, претседателката на Советот на Општина Тетово за превенција на детската деликвенција.
„Врз основа на објавените податоци од Државниот завод за статистика на РСМ, секоја година се пријавуваат и судат голем на број деца за сторени вакви кривични дела. Факторите кои влијаат на појавата на оваа криминална појава се различни, почнувајќи од објективни како семејството и општеството, но и субјективни, како што се детскиот темперамент, емоциите и другите својства на нивниот карактер“, вели Ахмеди.
Од друга страна, според социологот Али Пајазити, ова е една фатална грешка што ја прават родителите во однос на она што им е најдраго – детето, бидејќи со оваа постапка не го воспитуваат. Тој вели дека сакајќи да го научат нешто, да го направат способен за нешто, тие всушност го ставаат во еден голем вител од кој и може да излезе, но и да биде оштетен и да им наштети на другите.
„Примерите од секојдневниот живот нè учат за несреќи од ваков карактер. Затоа, наместо да се обидуваат да го социјализираат чекор по чекор, да чекаат да го учат кога ќе биде зрел или да го учат на терен без луѓе и каде што нема опасност, некои родители им го даваат воланот на автомобилот на 10-годишни деца, нешто што сум го видел со мои очи и сум се наежил. Други родители пак, нивната „гордост“ – скапиот автомобил сакаат да го интегрираат со детето, односно да се пофалат и со автомобилот и со детето кое не е свесно за ова, ова е нешто што не носи никаква корист, туку напротив. Детето е дете, „Поршето“ е „Порше“, „Мерцедесот“ си е „Мерцедес“. Тоа дете ја губи и мотивацијата за работа, бидејќи уште од детството поседува десетици илјади евра, а како во иднина ќе се задоволи со 500 евра плата? Значи ова е голема психолошка штета за ова нежно и невино битие“, рече Пајазити.
Блерта Ахмеди објасни дека за да се спречат ваквите случаи, потребно е зајакнување на заштитните фактори, односно превентивните, почнувајќи од развивање на политики кои би влијаеле на свеста на малолетниците за последиците во случај на управување со одреден вид на моторни возила или одредена категорија без исполнување на потребните законски услови.
„Ова може да се оствари преку спроведување на одредени кампањи во оваа насока, како што се одржувањето на предавања со учениците на оваа тема, подигање на свеста преку медиумите и социјалните мрежи. Несомнено дека општинските совети за превенција на детската деликвенција можат да придонесат во оваа насока со спроведување на активности за известување и информирање на децата и родителите за оваа тема. Клучна улога има и полицијата, која преку превентивни мерки, како што се честите контроли во јавниот сообраќај, би влијаела за спречување на оваа појава“, потенцира Ахмеди.
Од македонската полиција велат дека покрај санкционирањето на ваквите прекршоци, МВР постојано организира превентивни активности со цел подигање на сообраќајната свест и култура кај граѓаните, а сè со цел зголемување на безбедноста.
Полицијата апелира до родителите да не дозволуваат нивните деца да управуваат со возилото без положен возачки испит.