Жените претприемачи полесно до финансии преку програмата ИМЕ

Жените претприемачи ќе можат да си го олеснат пристапот кон финансии и да ги зголемат продуктивноста, конкурентноста и квалитетот на своите компании преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ).

Жаклина Гештаковска-Алексовска, експерт за родови прашања во рамките на ИМЕ, истакна дека од сите претпријатија во Македонија 30 отсто се во сопствеништво на жени, но 99 отсто од нив се мали или микропретпријатија. Тоа, според неа, покажува дека голем дел од овие компании не го искористиле својот потенцијал за пораст и за развој.

„Програмата ИМЕ во соработка со Сојузот на стопански комори (ССК) работи на поддршка на оние компании кои одлучиле да се развиваат и тоа преку обезбедување информации и кофинансирање на две клучни услуги: пристап до финансии преку изработка на бизнис-план или апликација за некои од постојните финансиски инструменти и зголемување на продажба преку спроведување на обука. Резултатите и од двете услуги се одлични. Седум компании ја зголемија продажбата, а четири имаат подобар пристап до финансии“, изјави Гештаковска-Алексовска.

Повеќе информации компаниите ќе добијат на 12 мај на заедничка презентација со ССК, а на која ќе се претстават и компаните кои овие услуги ги применија минатата година.