Земјоделството е приоритет на Светска банка во нова стратегија за партнерство со државата

Светска банка започнува со подготовка на новата стратегија за партнерство со Македонија, во која што земјоделството е високо на листата на приоритетни сектори, информираат од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.

На состанокот, министерот Љупчо Николовски го информирал директорот на Светска банка за Македонија, Марко Мантованели за сегашните и идните реформи кои ќе ги спроведува МЗШВ, искористувањето на средствата од ИПАРД-програмата, капиталните инвестиции во водостопанската инфраструктура, трансформацијата на шумарскиот сектор, справување со климатските промена и реформата во советодавниот систем.

„Посебен акцент беше ставен на креирање на услови за организирано договорно производство, подобрување на квалитетот и стандардите и стратегија за извоз на македонските земјоделско-прехранбени производи. Од Светска банка потенцираа дека во оваа област поседуваат експертиза и можност да обезбедат средства за  инвестиции во откупно-дистрибутивни центри. Светска банка следната недела ќе го потпише договорот со Европската унија, за спроведување на Функционалната анализа на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, од која што треба да произлезат идните насоки за системско функционирање на министерството како институција со цел обезбедување на навремени и квалитетни услуги и информации за граѓаните“, се додава во соопштението на МЗШВ.