Започна седмиот самит „Македонија 2025“ на кој учествуваат 350 гости од регионот


       
Скопје, 8 ноември, 2018 - 10:47 (META) 

Со панел-дискусии посветени на образование, лидерство и успешни македонски бизнис-приказни во светот, започна седмото издание на самитот „Македонија 2025“.

Денеска и утре, повеќе од 350 реномирани гости од целиот регион, ќе имаат можност да слушнат за најдобрите светски практики во бројни актуелни области, меѓу кои: дигитална трансформација во бизнисот, производство на канабис за медицински цели, примена на најсовремените технологии во здравството, изградба на технолошко-иновативни центри, вештачка интелегенција и многу други.

„Целта на Самитот е да се стимулира соработка, размена на знаења и лидерски развој. Годинава го потврдивме учеството на повеќе од 60 врвни говорници од преку 20 земји, кои во рамки на над 15 интерактивни сесии, ќе дискутираат на теми релевантни за глобалната економија, но и за регионот. Ќе укажеме на најголемите економски предизвици на светско ниво, како што се трговските војни, масовните миграции, недостатокот на квалификувана работна сила и нивното влијание врз „малите“ економии“, велат организаторите.

Самитот „Македонија 2025“ е исклучително важен бизнис собир во регионот, кој ги претставува клучните трендови во економијата, инвестициите, технологијата, иновациите, кои го движат светот.

На официјалното отворање поздравно обраќања имаше клучниот говорник Ентони Б. Ким од фондацијата „Херитиџ“ – САД, како и на високи претставници од „Економист“ (The Economist), „МекКинси“ (McKinsey), Европската инвестициска банка и многу други.