Заев со сочувство за смртта на Никола Саздовски, повика да не се разгорува нетрпеливост

Премиерот Зоран Заев преку својата Фејсбук-страница изрази сочувство за смртта на 21-годишниот Никола Саздовски, кој почина вчера на КАРИЛ, десетина дена откако беше брутално претепан на 29 јуни на автобуска постојка во Автокоманда.

Саздовски бил член на навивачката група „Комити“, а бил претепан од три лица, кои добија кривични пријави од СВР Скопје. Тоа се Б.Б.(20), С.Д.(21) и Ј.Љ.(19), сите од Скопје. Првиот и вториот се веќе во притвор, а по третиот се трага.

„Изразувам сочувство до семејството на младиот Саздовски, нека почива во мир“, напиша Заев во својот пост на Фејсбук.

Тој испрати и апел граѓаните да се воздржат од говор на омраза и разгорување нетрпеливост.

„Омразата и насилството не и прилегаат на Македонија и одат на директна штета на нашата иднина и на нашата младина. Апелирам сите да се воздржиме од говор на омраза и од разгорување нетрпеливост. Само така, ќе им дадеме можност на институциите да си ја завршат својата работа, за што се платени од граѓаните. Правдата и толеранцијата во општеството се наши заеднички цели, да се вложиме целосно и одговорно за да ги достигнеме“, порача Заев.