Заев: Постојат реални можности да добиеме препорака, а потоа и датум за преговори со ЕУ

Премиерот Зоран Заев, во обраќањето пред зградата на Владата по повод прославата на 8 Септември – Денот на независноста, рече дека во Македонија има одговорни политичари кои знаат што им е потребно на граѓаните, но има и свесни граѓани кои знаат што ѝ е потребно на државата.

Тој додаде дека од земја „генератор на криза“, Македонија е претворена во „мотор на развој на регионот“.

– Постојат реални можности Македонија да добие чиста препорака, а потоа и датум за преговори со Европската Унија. Реални се надежите и дека Република Македонија може да биде 30. членка на НАТО – рече Заев.

Тој додаде дека клучен тест се локалните избори, а Владата е определена да организира и да спроведе фер, демократски и регуларни избори, со нула толеранција за евентуални злоупотреби.

Според премиерот, друг тест се и реформите, за да се овозможи независно судство, објективни медиуми, независни институции, како и развој на добрососедски односи и регионална соработка.

Освен пред зградата на Владата, прослава по повод 8 Септември имаше и во Собранието, каде што претседателот на законодавниот дом, Талат Џафери, во обраќањето пред премиерот и пратениците рече дека пред 26 години биле поставени стратешките цели на државата, како на внатрешен така и на надворешен план.

– На внатрешен план, Македонија беше дефинирана како граѓанска држава која се темели врз индивидуалните и колективните човекови права и слободи, врз принципите на парламентарната демократија и владеењето на правото, почитувањето на приватната сопственост и пазарните законитости. Притоа, општество беше дефинирано како мултиетничко, мултикултурно и мултиконфесионално. На надворешен план, како приоритетна стратешката цел беше поставена целосната интеграција во евроатлантските структури – рече Џафери.

По повод стоте дена од конституирањето на Собранието, тој додаде дека ова парламентарно мнозинство „има храброст, волја, знаење и капацитет да направи значајни чекори напред во остварувањето на тие стратешки цели“.

– Секако дека во овие процеси очекувам свој придонес да даде и опозицијата, со аргументирана критика, меѓутоа и со конструктивни предлози. А мнозинството е должно да создаде услови за опозицијата да може сето ова да го артикулира преку институциите на транспарентен начин пред јавноста – додаде Џафери.