Заев, по сè изгледа, ќе оди на средбата во Брисел

„Европската комисија потврди дека на 10 јуни во Брисел ќе се одлучува за организирање влада која ќе ги подготви изборите“, се наведува во соопштението од СДСМ, по денешниот телефонски разговор меѓу лидерот на партијата, Зоран Заев, и еврокомесарот за меѓусоседска политика и за проширување на ЕУ, Јоханес Хан, во кое се додава дека ставовите на Хан и на Европската комисија, искажани во разговорот, „отвораат можност за одржување на средбата во Брисел“.

„Во разговорот, комесарот Хан јасно и прецизно ги потврди наводите на ОБСЕ/ОДИХР за неадекватна раздвоеност на државата од партијата, наводите за заплашувања гласачи, медиумска пристрасност во полза на владејачките партии и загриженоста на ЕК околу точноста на Избирачкиот список. Дополнително, тој ја истакна потребата за истрага на содржината на објавените разговори, вклучувајќи ги и тие поврзани со изборна измама. Сето ова е јасно прецизирано и во попладневното соопштение испратено од Европската комисија“, стои во соопштенито на СДСМ.

Како што соопштуваат од партијата, Хан за понеделник најавил изјава, во која лично ќе ги потврди денешните констатации наведени во писмената изјава на ЕК.