Заев: Моделот за иднината почнува со почитување на сите заедници

Со чествувањето на Денот на албанската азбука ја потврдуваме заедничката определба за почитување и за унапредување на етничката и на културната разноличност, односно богатството на Македонија, истакна премиерот Зоран Заев во своето обраќање на свеченоста по повод Денот на албанската азбука, што се одржа во Битола.

– Прогласувањето на денешниот ден за официјален празник на албанското писмо е составен дел од јазичното и од културното богатство на Република Македонија. Одбележувањето на културните вредности, датуми и традиции на сите етнички заедници, вклучувајки ја и албанската, придонесува за просперитетна иднина и за благосостојба на сите граѓани. Градиме едно и единствено општество, еднакво за сите. Градиме граѓанско општество, истовремено со почит кон етничките, националните, верските и културните разлики. Затоа сме горди и затоа етничката и јазичната разноличност ги сметаме за наша предност, за наше заедничко богатство. Затоа велиме: Кога денеска го одбележуваме и славиме Денот на албанската азбука, заеднички го прославуваме и постоењето и зближувањето на две културни традиции кои опстојувале заедно со векови – рече Заев.

Тој упати порака до сите граѓани на Македонија дека моделот за иднината почнува со почитувањето на сите заедници.

– Тој модел повикува да градиме држава и општество за сите, во кои културите ќе соработуваат, ќе се дополнуваат и меѓусебно ќе се збогатуваат – подвлече Заев во своето обраќање.