Вооружен маж се забарикадирал во ресторан во Германија

Вооружен маж денеска се забарикадирал во ресторанот „Дубровник“ во германскиот град Сарбрикен, јавуваат германските медиумите, додавајќи дека центарот на градот, каде се наоѓа објектот, е затворен поради полициската операција која е во тек.

Според полициски информации, првично се наведува дека лицето најверојатно е со психички проблеми и дека нема индиции дека станува збор за тероризам.

Исто така, полицијата смета дека осомничениот не држи заробеници, односно дека е сам во ресторанот и се обидува да преговара со него.

Вооружениот маж, наводно влегол во ресторанот целиот облеан во крв, но засега нема информации за што точно станува збор.

Според весникот „Билд“, тој втрчал во ресторанот „Дубровник“, кој се наоѓа во центарот на градот Сарбрикен, во југозападниот дел на Германија и почнал да вика сите да го напуштат објектот.