ВМРО-ДПМНЕ: Таравари да каже кои експерти одлучуваат за изградбата на клинички центар

По загубени четири месеци, Владата и министерот за здравство, Арбен Таравари, сфатија дека не можат да градат нов клинички центар на друга локација освен во рамките на веќе постојниот каде што владата на ВМРО-ДПМНЕ потпиша договор за градба и се обезбедија пари, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на министерот за здравство, Арбен Таравари.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека интересно е што и во јуни, Заев и Таравари кажаа дека експерти го гледаат договорот и оцениле дека не треба да се гради, за сега Таравари подготвува терен за промена на одлуката.

Од ВМРО-ДПМНЕ бараат министерот за здравство да ги објави имињата на експертите од јуни и на експертите што сега ќе одлучуваат за градба на овој капитален проект за државата, подготвен од ВМРО-ДПМНЕ според, како што велат, сите законски прописи и по највисоки стандарди.

Околу Советот за јавни набавки, од партијата велат дека оваа институција постои за да спречи местење тендери на државните институции.

„На Таравари, на Заев и на владата ова им пречи. Тие сакаат уште кога ќе излезе тендерот, да се знае кој ќе е победникот, кој се разбира во такви услови ќе понуди лек по повисока цена и со поголема заработувачка во која ќе има вградено провизија за сите што треба“, се додава во соопштението.