„Викиликс“ објави 21.075 мејлови од кампањата на Макрон

„Викиликс“ објави 21.075 мејлови од претседателската кампања на францускиот претседател Емануел Макрон.

Како што е соопштено на интернет-страницата на „Викиликс“, чиј основач е Џулијан Асанж, станува збор за архива која може да се пребарува и во која има 21.075 верификувани мејлови кои се однесуваат на претседателската кампања. Мејловите датираат од април 2009 до 24 април 2017 година.

Се наведува дека нивната автентичност е потврдена низ системот на „Викиликс“.

Целата архива што ја поседува „Викиликс“ содржи 71.848 мејлови со 26.506 закачени документи од 4.493 единствени испраќачи. Сепак, низ системот на „Викиликс“ се верификувани 21.075 мејлови. Врз основа на проверките, се тврди дека најголем дел од остатокот од мејловите исто така се автентични.

Неодамна беше објавена веста дека Руси се обиделе да го хакираат Макрон, преку инфилтрирање во неговата предизборна кампања и креирање лажни профили на „Фејсбук“.