Ванхауте: Демократски е мандатот да ѝ се даде на втората партија по освоени гласови

Поранешниот посредник на ЕУ во Договорот од Пржино, белгискиот експерт Питер Ванхауте, се огласи по повод неможноста ВМРО-ДПМНЕ да коалицира со ДУИ и истакна дека според меѓународно прифатените демократски стандарди, овој мандат сега треба да ѝ се даде на партијата која е втора по број на освоени гласови.

– Сега, може само да чекаме претседателот да назначи некој друг за да формира влада. Иако со Уставот не е детално јасно, во согласност со меѓународно прифатените демократски стандарди, овој мандат сега треба да ѝ се даде на партијата која е втора по бројот на освоени гласови. Груевски не преговара како поединец, туку како раководител на ВМРО-ДПМНЕ. Именување на некој друг од истата партија ќе биде сериозна грешка, против духот на Уставот, на демократските стандарди, и тоа ќе резултира со дополнителни одложувања. Ако претседателот назначи некој од истата партија повторно, тоа ќе биде јасен сигнал дека тие се одлучиле за нови избори, заедно со претстојните локални избори, сакајќи да победат и на едните и на другите – вели Ванхауте.

Според него, суверенитетот на државата е една работа, но меѓународната заедница, вклучително и ЕУ, не треба да молчат ако основните демократски стандарди не се исполнети.

– Да не заборавиме дека Македонија сè уште има амбиција еден ден да стане членка на ЕУ и на НАТО, две организации каде што демократските стандарди се од клучно значење за сите што сакаат да се приклучат – додава Ванхауте.