Убиецот на рускиот амбасадор е 22-годишен турски полицаец

Новинарите на турските медиуми кои присуствуваа на изложбата на која е убиен рускиот амбасадор Андреј Карлов, наведуваат дека напаѓачот бил припадник на обезбедувањето.

Напаѓачот се вика Мевлут Мерт Алтинтас и бил припадник на полициската единица за сузбивање демонстрации. Тој е роден во 1994 година и се школувал во Измир.

„Ројтерс“ претходно извести дека рускиот амбасадор во Турција бил убиен од човек кој кај себе имал полициска легитимација.

Сведоци истакнуваат дека слушнале четири или пет пукања кои го погодиле амбасадорот. Напаѓачот подоцна е убиен во престрелка со полицијата.

Светските медиуми пренесуваат дека напаѓачот за време на нападот извикувал „Не заборавајте го Алепо, не заборавајте ја Сирија“.