Тевдовски: Со новиот закон буџетите ќе се планираат на среден рок

Министерот за финансии, Драган Тевдовски најави нов ревидиран Закон за буџети кој ќе се донесе до крајот на годинава, со кој, буџетите ќе се планираат среднорочно и ќе се создадат услови за воведување Фискален совет.

Измените на законот беа најавени на првиот состанок на Советот за спроведување на програмата за реформа на управувањето со јавните финансии 2018-2021.

„Програмата е прва сеопфатна стратегија од областа на управување со јавните финансии. Реформите во неа треба да придонесат за постигнување на седум приоритети: подобрување на фискалната рамка преку унапредување на проектирањето, подобрување на наплатата на приходи и истовремено поедноставување и подобрување на услугите на надлежните институции, унапредување на процесот на планирање и буџетирање, подобрување на извршувањето на буџетот, зголемување на транспарентноста, зголемување на внатрешната контрола во институциите, како и на надворешната контрола и парламентарниот надзор“, се вели во соопштението на Министерство за финансии.