Тереза Меј утре и официјално ќе прогласи Брексит

Британската премиерка Тереза Меј утре и официјално ќе го прогласи излегувањето на Велика Британија од Европската Унија, во согласност со членот 50 од Лисабонскиот договор. По официјалната најава на почетокот на Брексит, почнуваат преговорите меѓу Велика Британија и 27 земји членки на ЕУ.

Главното прашање е колку Британците ќе мора да платат за разводот, а веќе се споменува сума од 60 милијарди евра, која Брисел ја бара за да се израмни сметката со Лондон. Велика Британија во моментов, по Германија е втор најголем донатор на ЕУ. Брисел или земјите членки поединечно би можеле да го тужат Лондон доколку не ги намири сметките за излез од ЕУ.

Велика Британија секоја недела на Брисел му исплаќа по 350 милиони фунти. Оваа сума најмногу ја критикуваа заговорниците на Брексит за време на кампањата за референдумот за излегување од ЕУ. Сепак, тие во својата кампања не ги споменуваа попустите кои Британците ги имаат, ниту пак колку земјата добива од бриселската благајна.

Одлуката на гласачите да го поддржат Брексит, според Меј, е јасен показател дека Британците не сакаат да плаќаат енормни суми за ЕУ.