Талески бара Иванов да ја повлече аболицијата, според него СЈО е незаконско

„Kако градоначалник на Битола, работам искрено, посветено и одговорно за доброто на граѓаните. Бидејќи јас лично никогаш не сум правел криминал, не се чувствувам виновен, не сум виновен и не сакам да бидам изедначен со вистинските криминалци во Македонија. Не сакам да има сомнеж или шпекулирање за моето законско работење и затоа од Вас барам аболицијата за мене да ја повлечете“, се вели во обраќањето на градоначалникот на Битола, Владимир Талески, до претседателот Ѓорге Иванов.

Талески вели дека е подготвен да ја докаже вистината за неговото „чесно работење, убеден дека надлежните државни институции ќе се интересираат за факти и за докази, а не за тенденциозни и неаргументирани обвинувања“.

– Во еден неприроден сплет на околности, меѓу лицата кои добија кривични пријави од неуставното и незаконско Специјално јавно обвинителстви (СЈО), се најде и моето име, не по моја вина. Имено, во незаконските телефонски разговори, еден од двајцата соговорници во еден момент, под силна емоција, ме спомнува и ме клевети за некаков криминал и корупција, што не е вистина. Но, тоа е доволен аргумент за СЈО да направи невидена политичка хајка против мене и моите соработници. Обвинувањата и целата постапка од СЈО имаат единствено политичка заднина – вели Талески.

Талески се најде на листата на помилувани од страна на претседателот Ѓорге Иванов.

СЈО, на 14 април отвори истражна постапка „Транспортер“, во која ги испитува сомнежите за сторени злоупотреби со превоз за ученици во Битола од страна на 22 лица, меѓу кои е и Талески.