Нова урбана акција на „Зачекори напред!“: Идентитетот и манипулациите со него


Скопје, 26 септември, 2018 - 14:56 (META) 

Во рамките на граѓанската кампања „Зачекори напред! Изборот е твој!“ има нова урбано-уметничка акција во Скопје посветена на идентитетот и манипулациите со него.

Акцијата се состои од oколу 20 постери, со различни пораки, поставени во јавниот простор на улица Македонија и скопскиот плоштад.

„Идентитетот (lat.: identitas – еднаквост, истост) претставува внатрешна слика која поединецот или колективот ја создаваат сами за себе, наспроти промените кои се случуваат во околината и општеството. Идентитетот е образец кој поединецот или колективот го манифестираат во своето комуницирање, однесување, само-претставување, и на тој начин го заокружуваат својот систем на вредности, верувања, убедувања и осознавања. Националниот идентитет е само дел од лепезата идентитети кои не формираат како личност. Врз целосното формирање на идентитетот влијаат мноштво особености: јазик, географски одлики, вера, обичаи, кујна, фолклор, традиција, како и ред други одлики: раса, пол, возраст, политички убедувања, лични афинитети и се што ни овозможува да ја создадеме сликата за себеси. Ниту еден договор или каква било промена од „виша сила“, не може да дефинира или промени нечиј идентитет бидејќи тој претставува лична слика за тоа како се гледаме себеси и каде припаѓаме“, се вели во соопштението на „Зачекори напред! Изборот е твој!“.


ВМРО-ДПМНЕ од МНР бара „поголема сериозност“ во реакцијата на протестите во Грција


Скопје, 22 јануари, 2018 - 16:21 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ најостро ги осуди националистичките испади на вчерашните протести во Грција, но и објавувањето на мапи во грчките медиуми во кои се дели територијата на Македонија, соопштуваат од партијата.

Од таму додаваат дека „ваквите испади не придонесуваат за подобрување на меѓусоседските односи и градење на клима на доверба меѓу Македонија и Грција.“

„Палењето на македонското национално знаме, извикувањето на иредентистички пароли и дефилирањето во воени и паравоени униформи се сосема спротивни на демократијата и меѓусебното почитување кое треба да го градат двете земји. Министерството за надворешни работи на Македонија мора посериозно да ги сфати сите овие непријателски гестови од страна на поединци и групи во соседна Грција и преку дипломатска нота да побара соодветна реакција од грчка страна и санкционирање на лицата кои ги подриваат меѓусоседските односи“, се вели во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ потенцираат дека „пораките кои вчера беа испратени од протестите во Солун се навредливи за секој Македонец, а МНР има обврска да го штити нашето национално достоинство.“

„Историјата вели дека, Андартите преставуваат паравоена структура која дејствувала во 19 век извршувајќи злосторства врз македонскиот народ. Лица во такви униформи дефилираа на вчерашните протести на кои присуствуваа и голем број лица од јавниот и политичкиот живот на соседна Грција. Пораката што се испрати е исклучително лоша и таа мора да биде жестоко осудена и од македонска и од грчка страна“, се додава во соопштението.


Груевски објави упатство за наследниците: Без навреди и уцени, се бира идниот премиер


Скопје, 14 декември, 2017 - 11:17 (META) 

Никого од кандидатите за претседател на ВМРО-ДПМНЕ не сум овластил да се повикува на моја наводна ексклузивна поддршка, заради собирање потписи за поддршка или гласање, вели Никола Груевски претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во оставка.

Тој преку неговата официјална „Фејсбук“ страница испрати осум пораки до кандидатите и потенцијалните кандидати на партијата и до делегатите на Конгресот кој треба да се одржи на 22 и 23 декември.

Груевски вели дека секој од кандидатите треба да добие ист третман, фер однос и еднакви шанси за преставување и потенцира дека не треба да има привилегија за оние кои се на повисоки партиски функции.

Тој ги предупредува кандидатите кои се на повисоки партиски функции да не ја злоупотребуваат партиската инфраструктура, логистика, функционерите кои хиерархиски им се подредени во нивната лична кампања.

Испрати апел до кандидатите во процесот на собирање потписи да не користат никакви форми на притисок, заплашување, закани, уцени, измами, изнудување или било која друга нечесна и нерегуларна форма и начин при собирањето на потписите.

„Да не користат навредливи, омаловажувачки, потценувачки, невистинити, компромитирачки или какви други зборови со кои ќе го девалвираат противкандидатот или потенцијалниот противкандидат. Да не заборавиме на достоинството на конкурентот, единството во партијата, заедништвото, пријателството, сопартиството и дека сите се бориме за иста кауза, имаме иста идеологија, и заеднички политички противник. Да не заборавиме дека по 10 дена ќе заврши Конгресот и изборот на нов претседател, ќе треба да се погледнеме во очи, и секој на еден или на друг начин ќе биде потребен во натамошната политичка борба против СДСМ, а во целите за понапредна, постабилна и попросперитетна Македонија“, вели Груевски.

На крај Груевски додава дека оној кој ќе делуваат спротивно од овие препораки и го нарушат угледот на партијата и конкурентите во партијата, не е достоен да биде претседател на ВМРО-ДПМНЕ и делегатите треба да го имаат предвид ова.


Лондон со остри критики до Трамп поради „твитовите“ за терористичкиот напад


Лондон, 17 септември, 2017 - 14:53 (META) 

Високиот британски функционер Демијан Грин денеска го критикуваше претседателот на САД, Доналд Трамп, поради неговите пораки на „Твитер“ во врска со полициската истрага за терористичкиот напад во метро-станицата во Лондон.

Грин, кој ја има почесната титула прв државен секретар, за „Скај њуз“ изјавил дека „твитот“ на Трамп за полициската истрага не бил од помош. Тој ѝ се придружи на британската премиерка Тереза Меј која во петокот, исто така, го критикуваше Трамп за истата порака.

Американскиот претседател во петокот, по бомбашкиот напад во кој беа повредени 29 лица, на „Твитер“ напиша дека извршителите ѝ биле познати на британската полиција. Тој во неколку твитови експлозијата во Лондон ја оцени како напад на „терористи – губитници“ и алудираше дека лондонската полиција пропуштила да ги спречи.

Грин ги замолил сите, од претседателот на САД, па натаму, да не пишуваат пораки на „Твитер“ додека трае полициската истрага за терористичкиот напад.

Тој додал дека разузнавачка соработка меѓу САД и Велика Британија постои и дека таа помага граѓаните да бидат безбедни.


СДСМ: Пораките од Брисел се јасни, Талат Џафери е избран легитимно


Скопје, 5 мај, 2017 - 9:46 (META) 

„Писмото од новиот собраниски претседател, Талат Џафери, до Ѓорге Иванов е обврска за Иванов да ги стави на страна личните интереси за бегство од правдата на Никола Груевски и да постапи според уставната обврска кон граѓаните на Република Македонија“, се вели во редовното утринско соопштение на СДСМ.

Во него се додава дека по посетата на новиот собраниски претседател, Талат Џафери, на Брисел, пораките оттаму се јасни.

„Легитимно е избран и признаен новиот собраниски претседател, се чека наскоро да се избере новата реформска влада. Следува реафирмација на владината програма што ја штити унитарноста на државата и обезбедува правда и живот за сите граѓани“, се додава во соопштението на СДСМ.


СДСМ: ЕПП и Бундестагот јасно кажаа дека мора да се почитува парламентарното мнозинство


Скопје, 30 март, 2017 - 13:11 (META) 

„И Резолуцијата на Европската народна партија (ЕПП), како и заклучоците на германскиот Бундестаг во кои се вели дека мора да се почитува парламентарното мнозинство и дека нови избори не се опција, се јасни пораки до Груевски и до Иванов да престанат со непресметливото однесување, кое ги загрозува државните и националните интереси на Македонија и интересите на граѓаните“, се вели во соопштението на СДСМ.

Во него се додава дека Европската народна партија јасно стави до знаење дека не толерира корумпирани политичари и корупциски скандали, дека ги осудува провокациите и агресивното однесување кое претставува закана за мирот и за стабилноста и истовремено повика на воздржаност од етнички провокации.

„Пораките во Резолуцијата усвоена од Европската народна партија се уште еден доказ дека Груевски е изолиран политичар кој ја изгуби довербата од сите значајни меѓународни политички субјекти. Пораките содржани во Резолуцијата го осудуваат сето тоа што Никола Груевски ѝ го прави на Македонија“, велат од СДСМ.


Денеска состанок на централното претседателство на ДУИ


Тетово, 3 март, 2017 - 10:12 (META) 

Централното претседателство на Демократската унија за интеграција за денеска закажало состанок во седиштето на партијата во Мала Речица, јавуваат медиумите.

На средбата се очекува да се разговара за пораките што вчера на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, му ги пренела високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европска Унија, Федерика Могерини.

Централното претседателство се очекува да разговара и за последната средба на Ахмети со лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Од ДУИ соопштија дека Ахмети на средбата со Могерини, која вчера имаше средби со лидерите на парламентарните политички партии, невладините организации и со претседателот на државата, Ѓорге Иванов, истакнал дека тој и партијата остануваат посветени на наоѓањето на политичко решение за излез од актуелната криза околу составувањето на нова влада.


Државниот врв и лидерите на партиите упатија честитки по повод Богојавление – Водици


Скопје, 19 јануари, 2017 - 12:43 (META) 

Претседателот на држвата, Ѓорге Иванов, премиерот Емил Димитриев и лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев, до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан, и до православните верници во земјава испратија честитки по повод празникот Богојавление – Водици.

„Во духот на овој голем празник, да го поттикнуваме најдоброто во нас и најдоброто кај нашите ближни и кај нашите сограѓани, независно од нивната етничка, верска, јазична и идеолошка припадност. Само така ќе чекориме кон остварување на заедничките цели за успешна и просперитетна Република Македонија“, стои во честитката од претседателот Иванов.

Премиерот Емил Димитриев во честитката порача вредностите кои ги носи денешниот празник да помогнат во „подобрување на економијата, за унапредување на стандардот на населението, за создавање услови за развој во секоја општествена сфера и изградба на напредна Република Македонија“.

Во честитката по повод празникот, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, истакна дека со истата верба во Бога, со која денеска се тргнува кон местата за водосвет „да продолжиме да чекориме по патот на успехот и просперитетот на нашата татковина и да го зацврстиме единството, да се почитуваме, да си помагаме и да ги унапредуваме вредностите кои се предност на нашето општество“.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во својата честитка порача дека повторно е потребна цврстата волја на духот, преку мудрост и искрена верба, „за да го создадеме животот што го избравме“.

„Денешниот ден на духовното раѓање носи нова животна сила на секој од нас, за потребната обнова на нашето општетсво во кое среќно ќе живееме сите“, напиша Заев во честитката по повод Богојавление – Водици.


Путин: Тешкотиите во 2016 година ја обединија Русија


Москва, 31 декември, 2016 - 16:11 (META) 

Тешкотиите со кои се соочуваше Русија во 2016 година ја обединија земјата и поттикнаа отворање на нови можности за државата да тргне напред, порача рускиот претседател, Владимир Путин, во традиционалното новогодишно обраќање.

– 2016 година беше тешка и полна со предизвици. Најважно е да веруваме во себе и во својата држава. Работиме успешно и остваруваме – изјавил Путин.

Тој им се заблагодари на граѓаните за победите, достигнувањата, разбирањето и за искрената грижа кон државата.


Обама денеска во посета на Акропол и на културниот центар „Ставрос Ниархос“


Атина, 16 ноември, 2016 - 11:27 (META) 

Со посета на музејот на Акропол и со говор во културниот центар „Ставрос Ниархос“, продолжува посетата на американскиот претседател Барак Обама на Атина. Обама во моментов е во историска посета на Акропол, а потоа ќе замине во новото архитектонско ремек-дело во градот, центарот „Ставрос Ниархос“, каде ќе одржи говор за неговата визија за иднината на демократијата во време кога популизмот и национализмот се во пораст на глобално ниво.

Во Грција постои задоволство од пораките на Обама за поддршката за олеснување на грчкиот долг, со надеж дека овие пораки ќе бидат слушнати и прифатени и од европските и од меѓународните кредитори во моменти кога продолжуваат преговорите и проценката за исполнетите реформи на грчката влада.

Посетата на Обама не помина без протести и инциденти. Полицијата уапси пет и приведе осум лица кои учествуваа во немирите на протесите на левичарските и на анархистичките здруженија во центарот на градот.

Протести одржаа синдикатот на Комунистичката партија и десетици левичарски и анархистички здруженија, и покрај полициската забрана за собирања за време на дводневната посета на Обама. Инцидентите почнаа при обидот на демонстрантите да го пробијат полицискиот кордон и да продолжат кон грчкиот парламент. Полицијата возврати со солзавец, по што се создадоа мали судири со демонстрантите.

Иако немирите во центарот на градот се смирија за кратко време, група од околу 100 анархисти продолжи со судирите со полицијата во квартот Ексархија, околу Политехничкиот факултет.

Протестите се очекува да ескалираат утре за време на прославата на Политехнио, односно годишнината од почнувањето на бунтот против воената хунта.